речник контакт

Книжевен портрет за Ѓорѓи Дебарлиев во родниот Велес

Авторот има издадени три книги со поезија и живее во Скопје а е роден Мегданчанец

Петар Печков

Книжевен портрет на велешанецот Ѓорѓи Дебарлиев, кој долги години живее во Скопје, беше организиран од страна на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес. Неговото претставување во родниот град, беше емотивно со многу топли зборови од страна на промоторите, за творештвото кое го има зад себе Дебарлиев, кој е роден Мегданчанец.
 
„Делото на Ѓорѓи е специфично и необично.  Неговите песни се кратки, концизни, со збиен стил. Многу наликуваат на хаику јапонските песни, има и афористични и мисловни секвенци. Авторот има голема мисловна природа, голем дух, тој е посматрач на животот. Извлекол од животот големи искуства и врз основа на тоа ги пишува стиховите“ – кажа Атанас Крлевски еден од воведничарите за творештвото на Дебарлиев. Говореше и Соња Карбева.
 
Портретот на Ѓорѓи Дебарлиев се одржа во Градската библиотека „Гоце Делчев“. Двете од трите негови книги, оти првата одамна биле распродадена, тој ги подари за оваа институција.
 
„Поезијата на младите е полна со младешки полет и ентузијазам а на повозрасните и позрелите автори е полна со животни мудрости и искуство. Тоа го препознав во поезијата на Дебарлиев“ – изјави Карбева.
 
Авторот Ѓорѓи Дебарлиев е роден во 2 септември 1952 година во Велес, маалото „Мегдан“, каде што го поминал неговото детство. Тој истакна дека тоа што оваа средба со неговата поезија се остварува овде, во неговиот роден град, во Велес, за него има посебно значење. Автор е на три стихозбирки: „Обични работи и пороен дожд“ од 1995, „Надеж“ објавена 1997 и „Кладенци на неспокојот“ 2004 година.
 
„Имам издадени три книги поезија во хартиена верзија кои се објавени на интернет  и доста песни необјавени во книги а  објавени на интернет. Јас од 14 година живеам во Скопје, но не се чувствувам Скопјанец, со гордост кажувам дека сум Велешанец. Зошто човек пишува, тешко е да се одговори. Животот е неизвесност и со мојата поезија го сликам“ – кажа Дебарлиев.

Тој за читателите на ТрМр ја избра оваа песна –

Мојот поетски здив.
 Вдишувам живот, издишувам стих
Содржина и форма на мојот здив
Дишам во ритам на  пориви без ритам
Со стих без здив, животот го сликам

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »