Петар Печков
Објавено: петок, 17 октомври 2025
Со вчера одржаната 69 седница на Советот на Општина Велес, заврши четиригодишниот мандат на членовите во овој состав. На последната седница присуствуваа 22 од 23 избрани советници. По нејзиното завршување се обрати градоначалникот Марко Колев, кој им се заблагодари на советниците за нивната работа.
„Сакам да се заблагодарам на коректниот однос, некогаш и не баш толку коректен. Сме имале дискусии се со цел да донесеме најсоодветни одлуки. Му се заблагодарувам на сегашниот претседавач на Советот и претходниот (з.а. Зоран Љутков), кои покажаа дека односот може да биде на највисоко ниво, да нема проблеми. Се донесоа голем број одлуки, со кои им се подобри животот на нашите сограѓани. Но има работа која допрво следи, за новиот состав. Се трудев да бидам присутен на секоја седница, во некои случаи поради обврски, тоа не можев да го сторам. Местото на градоначалникот е тука, без оглед дали има одговор или нема на поставените прашања. Градоначалникот мора да го слушен гласот на советниците, оти тоа е гласот на народот“ – порача Колев.
Кажа дека ќе се гледаат низ улиците на градот. При тоа се осврна и на новите листи на кандидати на членови на Совет, каде Левица и СДСМ немаат ниту еден од постојниот состав.
„Такви резови не се добри за ниту една политичка партија. Но тоа се одлуки на партиите, се надевам дека ќе останеме во комуникација. Останавме нормални во комуникацијата, природни, не се водевме од лични интереси. Да сме здрави и живи и се гледаме за убаво“ – заврши Колев.
На колегите им се обрати и актуелниот претседавач Даниел Јаневски, кој им се заблагодари и ним и на градоначалникот за конструктивните дискусии. Се заблагодари и на општинската администрација за поддршката во работа, но и на граѓаните што беа трпеливи. Останува забележан и неговиот демократски капацитет, па оставеше советниците со нивните дискусии да говорат и повеќе и подолго а знаеше да го прекине и градоначалникот кога излегуваше од темата.
„Ви посакувам животните патишта да ви одат на поубаво“ – пораче Јаневски.
Со завршувањето на овој мандат, заврши и мандатот на Драган Димевски од ПОДЕМ, кој со четири мандати , 2009, 2013, 2017,2021 има стаж кој тешко дека во некоја блиска иднина, некој советник ќе го надмине.
Ќе се помнат и излагањата на Игор Смилев од Левица, кој постави повеќе од 260 советнички прашања, како што рече сите инспирирани од проблемите на граѓаните.
| Tweet |




