речник контакт

Компиријада во Горно Јаболчиште

Двеиполијади жители од селото Горно Јаболчиште живеат од одгледување компир, стока, овци и крави, собирање лековити билки

Петар Печков

 Гордост за жителите на  селото Горно Јаболчиште е  компирот кој го одгледуваат 90-тина отсто од тамошните семејства. Токму затоа во селото се одржа и првата компиријада со цел промоција на овој земјоделски производ, за поширокото подрачје од земјава. Стотици тони од него завршуваат на трпезите во Македонија, но малкумина го знаат неговото потекло. И додека повеќето знаат за беровскиот и малешевскиот, тој од Горно и Долно Јаболчиште е непознат.

За прв пат ја организираме манифестацијата и континуирано организираме настани за промоција на општината. Целта е да се промовираат локалните земјоделци, производители на компири, овчо сирење и локалните специјалитети. Да ја запознаеме традицијата од блиску, непосредно во контакт со луѓето. Сакаме да создадеме традиционална препознатлива локална манифестација -  изјави  Горан Пановски градоначалник на општина Чашка. 

На десетина импровизирани тезги се најдоа повеќе видови компир, некои за пржење други за готвење, едни црвени, други жолти. Одгледан е во чиста еколошка средина, што му дава на квалитетот.

Последните години оди тешко со продажбата на компирот, не се троши, поради економската криза, невработеноста, луѓето слабо  го купуваат. Деведесет отсто од селаните живеат од него, цената се симнува и  така го продаваме, не останал, го земаат за минимална цена – вели  Харун  Шаќиров.

Селото кое е на повеќе од илјада метри надморска височина, под врвот  Солунска глава, на падините од планината Јакупица, има можности за одгледување само на компирот, друго не успева. Затоа  разбирливо е што тој е пропознатлив знак за селото. Живеат од компир но одгледуваат и стока  овци и крави, доста од младите  во потрага по живот, има отидено во странство. Таму работат па така ги прехрануваат нивните семејства.

Имам илјада овци, нудам овчо сирење со сертификат за органско производство. Овците се  на Јакупица во здрава еколошка средина. Но пласманот оди  многу тешко, нешто по ресторани, мотели. Тешко се живее тука. Сами се снаоѓаме, ништо не е сторено за популаризација на нашите производи. Има проблем да се стигне до нас, бидејќи патот е лош и за некој да дојде да го купи сирењето или компирите не му се исплати,  тешко се стигнува, па ние мораме да одиме и молиме и нудиме. Тогаш и цента паѓа – вели Зејнел Алиов сточар.

Неговото сирење бргу се продаде, бидејќи е со знакот на органско, па разбирливо е што посетителите посакаа да го имаат и дома. На богатата селска трпеза  вредните домаќинки подготвија десетина локални специјалитети, каде главна состојка беа токму компирот и сирењето. За да се претстават што поубедливо, децата од Основното училиште ,,Лирија,,  беа облечени во народна носија карактеристична за албанските села од централна Македонија, Врановци Јаболчиште и Бузалково.

Девојчињата беа облечени во традиционални носии стари педесетина  и повеќе години вредни во стотина евра, изработена рачно, од нивните мајки  и баби. Посебно беше впечатлива ,,кафтијаната,, кратка и долга народна носија,  со која невестата првото утро во новиот дом го служи кафето на домаќините. На големо изненадување на присутните на манифестацијата беше изложен и тутун, што е вистинско чудо, бидејќи тој тешко успева на така висока надморска височина.

На 63 години прв пат одгледав тутун, досега во селото тоа не се случувало, поради високата надморска височина. На површина од осум декари добив два тони, за проба,  и за прв пат задоволен сум. До година повторно ќе садам, повеќе.  Одгледував компир имав  по 20 тони род и го давав  само во Велес, немаше пласман, па се решив да одгледувам тутун и бидејќи првата година успеа, ќе садам и  следната година    - вели  Имер Латифов, кој ќе биде запишан во историјата како прв одгледувач на тутун во овој регион.

Селаните од Јаболчиште живеат  и од билкарство, собирање мечкино грозје, кантарион, смрека,  и најмногу од боровинка, кои  во изобилие ги има во околината а ги продаваат  во откупните центри. Меѓу бројните штандови на компиријадата, поинаков од другите беше на тој   Рамадан  Ахмедов кој нудеше јаболка, грав, слива, дуњи.

Произведуваме здрава органска храна која е барана, имаме одлични  услови, но за жал немам пласман. Ги одгледувам во околината на селото, но поради лошиот пат нема никој да дојде да купи и се мораме сами да сториме, па се случува често родот да скапува. Има и нешто ќар колку за скромен живот на семејството – објаснува Ахмедов.

Селаните очекуваат оваа манифестација да им овозможи Македонија да слушне за нивните производи, кои го носат печатот на квалитет и здрава органска храна, па така ќе може да ги пласираат и продаваат, да не остануваат за домашна употреба.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »