Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 февруари 2013
Општинските власти на Велес ги отфрлија забелешки на Метрудхем, кои се доставени по документот за стратегиска оценка на животната средина. Со него се предвидува пренамена на просторот каде сега се наоѓа Топилницата во зелен појас. Локалните власти ја започнаа процедура за промена на Генералниот урбанистички план и на местото каде сега е Топилницата, да се подигне зеленило на 42 хектари површина. Сопственикот ,,Метрудхем,, во шест точки ги забележал реакциите за предвидената промена на ГУП а од локалната објаснуваат дека тие се неиздржани.
Барањето за покривање на финансиските трошоци на Метрудхем за досегашното не работење на Топилницата не е законски. Барањето за приватизирање на земјиштето е одбиено од надлежните па така Метрудхем не располага со земјата на кое се наоѓа инсталацијата. Процените за штета или ќарот од (не)работата на Топилницата во Велес, и штетите врз животната средина ги врши проценител, врз основа на Законот за проценка а никако со документот за стратегиска оценка на животната средина, затоа и не се предвидени. Процената за ризиците по животната средина од активности при дислокацијата на Топилницата се предвидени со генерална Еколошка ревизија, во согласност со Законот за животна средина - велат од општина Велес одговарајќи по барањата на Метрудхем.
Предвидената пренамена од постојната тешка и лесна индустрија, складишта, магацини во заштитно зеленило, локалните власти сметаат дека ќе придонесе кон ублажување на последиците од историското загадување на животната средина и намалување на ефекти врз почвата и подземните води, спречување на разнесувањето на загадувачките материи во пошироката околина на градот Велес. Тоа е сторено по барање на Министерството за здравство, кое инсистирало тука да има зелен појас, ништо друго, ниту населба, ниту лесна индустрија. Сопственикот Метрудхем сака проблемот да се решава на повисоко ниво, не општинско.
Упатуваме на потреба од приспитување на измените на ГУП на град Велес, оти тие не се базираат на претходни социо-економски анализи и не се издржани. Подобрување на животната средина во градот нема да може да се постигне со засадување на автохтони зелени насади. Доказ за тоа се досегашните обиди кои не покажаа резултати, концентрацијата на тешките метали во почвата во гардот не е намалена и покрај неработењето на Топилницата, напротив – напишал управителот Тони Димитриоски во писмената реакција која Метрудхем ја доставил по расправата за промената на ДУП-от.
Тие сметаат дека заради карактерот на спорот, сопственоста на објектите и на земјиштето, загадувањето, пренамената на земјиштето, разговорите треба да се подигнат на повисоко ниво во Владата а не на локално општинско ниво. За нив е проблематично кои се проценките на штетата по животната средина, кога Топилницата не работи, какви се процената за ризиците по животната средина од активности при дислокацијата на Топилницата, кој ќе ја надомести изгубената добивка од досегашното неработење на капацитетот и посочуваат дека законот предвидува земјиштето да се одземе само ако се гради нова градба а со промената на ГУП-от се предвидува таму да никне зеленило.
Од Министерството за животна средина објаснуваат дека клучен елемент во битката за рестарт на Топилницата е доколку се изврши пренамена на локацијата каде сега таа се наоѓа и натамошната постапка ќе биде беспредметна. Конечниот збор за пренамена на ГУП ќе го имаат Министерството за транспорт и врски и Министерството за живота средина, откако претходно Советот на општина Велес истиот ќе го усвои.
Tweet |