Петар Печков
Објавено: сабота, 14 ноември 2015
Виолинистот Костадин Кирков, роден во Велес пред 73 години, деновиве го доби највисокото општинско признание, наградата за животно дело,,Гемиџии,,.
Тој како директен потомок, на еден од Солунските атентатори, е пресреќен што го добива ова призвание, кое му се додели поради неговите високи дострели во музиката. Кирков бил концерт мајстор на Љубљанската и Бонската филхармонија а сега е пензионер.
Одамна не бил во родниот Велес, за сега со големо задоволство да допатува за кратко, да ја прими наградата и повторно да се врати во Бон Германија каде живее. Тој скромно вели дека со впишувањето во оваа листа на заслужни велешани, не е нешто повеќе од останатите сограѓани, кој дале белег во живеењето на градот.
Што значи оваа награда за Вас?
- Многу ми значи. Јас сум роден велешанец, потомок на Гемиџиите, Костадин Кирков ми е чичко, на татко ми постар брат и по него сум го добил името. Убаво е што некој се сетил на мене, иако сум далеку од градот, ама сум оставил трага. Велес останува во мене, како град и дел од мојот живот. Израснав во центарот на градот.
Кажете за Вашиот животен пат, за Вашите музички почетоци.
-Завршив Основно музичко во Велес и тоа набрзина за три години, па потоа во Скопје. Од тука во Љубљана каде завршив академија, тоа беше 1966/67 година. Таму бев концерт мајстор на Словенечката Филхармонија. Мојот пат таму заврши 1983-та кога заминав за Бон, каде бев исто така концерт мајстор. Сега сум неколку години пензионер и живеам во Бон.
Каде се имавте можност да настапувате, каде се имате свирено?
-Цел свет сум го прошол, сите континенти освен Австралија. Само таму не сум настапил. Со разни оркестри и ансамбли, со бројни диригенти. Моментот кога се добива аплаузот е врвот, бидејќи сите се стремиме кон нешто. Музиката е создавање и секој настап има свое значење, така што не можам да одвојам конкретно кој е позначаен од другите.
Како пензионер, на што се навраќате во мислите од музичкиот животен пат?
-Во мислите ми се секогаш првите моменти од мојот животен пат. Тоа е кога татко ми Диме ме запиша во музичкото во Велес, за виолинист. Сите предмети ги завршив во три години. Ме учеше еден постар господин Петар Попевски, кој предаваше виолина. Тој ме научи да свирам.
Како се случи од многуте инструменти да свирите виолина?
-На приемен во Велес, ми го проверија слухот. Професорите според него, конституцијата, изгледот ми препорачаа дека треба да свирам виолина и тоа беше мојот избор. Тој ме одведе на светските сцени.
На која виолина свиревте, кој беше вашиот избор?
-Настапував на моја виолина, италијанско производство. Солијани беше од 1780-та. Ја оставив во Словенечката филхармонија кога заминав за Бон. Изработена е од познатиот мајстор Анџело Солијани од Модена.
Tweet |