Петар Печков
Објавено: среда, 04 јуни 2014
Кумановецот А.Д. (41 год) украл од АРМ 6,3 илјади куршуми за што од СВР Велес заработи кривична пријава. Тој се осомничи дека сторил кривично дело „противзаконито располагање со доверено оружје“.
Според велешката полиција А.Д. кој работел како цивилно лице во служба во АРМ, ракувач на полигон, во периодот од септември 2013 година до март годинава, во повеќе наврати бесправно присвоил и отуѓил 6300 парчиња муниција со калибар 7.62 за автоматска пушка. Оваа муниција му била доверени на чување , а истата служи за потребите на одбраната на Република Македонија и била сместена во воените магацини во село Отовица.
А.Д. подолго време и студиозно ја крадел муницијата и за да не биде забележан на местото од украдените куршуми ставал празни чаури, испукани куршуми, кој ги собирал за да ја сокрие неговото незаконско дејствие. Бил откриен при пописот во март по што веднаш добил и отказ од работа. Украдената муниција ја продавал на непознати лица. Со ова дело пријавениот ја оштетил Армијата на Република Македонија за 75,6 илјади денари.
Кражбата на муниција од АРМ имало и во други случаи. Неодамна арачиновецот Руфки Даши (29) во Основниот суд во Велес беше осуден на две години затвор затоа што како командир на стража украл цел сандак муниција - 825 куршуми од полигонот во Криволак.
Tweet |