речник контакт

Крлевски со нова осма по ред книга афоризми „Мисли без крлушка“

Се занимавам со екстремен спорт -во брак сум! Работам тешка работа- барам работа.Не знам што да правам со годините- ги продавам на старо. Му дозволивме да се збогати преку ноќ -спиевме! Вујко ми владика е локален бог, а јас локален шериф

Петар Печков

Велешанецот  Атанас Крлевски неодамна ја издаде книгата афоризми „Мисли без крлушки“:Оова е негова осма книга по ред, на  познатиот  афористичар, и е  во издание на „Академски печат“ од Скопје.

Книгата содржи околу петстотини афоризми поделени во три циклуси: афоризми за човекот, за политиката и жената. Поради состојбата со ковид-19, книгата на Крлевски не беше во можност да се промовира во  Велес.

Афористичарот Ацо Ѓоргиев во освртот кон книгата напиша: „Афоризмот е литературниот “терен” на Атанас Крлевски, таму најдобро се снаоѓа, тој е виртуоз на кратката сатирична мисла.Неговите афоризми се стрели со долг дострел. Во критиката на девијантните општествени појави ја зел најдобрата можна почетна позиција  - тргнал од себеси. Само кога човек ќе си признае пред  себеси  дека не е без мани, колку и да се тие анорексични (како што вели тој), може да тргне во поход да го менува светот на подобро, притоа стремејќи се кон личното совршенство, идеалното изградено општество и беспрекорно функционалната држава.“

Авторот, книгата ја промовираше во февруари годинава во  Библиотеката „Искра“ во Кочани. Крлевски е роден 1956-та во Ташкент  а во Велес живее од 1959-та година, тој е инженер по електроника и телекомуникации.  Со хумор и сатира се занимава од 1977 година а пишувал и за Остен.

За „Ти реков ми рече“ авторот издвои дел од објавените   афоризми.
1.    Ако бракот ви е судбина, помирете се со неа!
2.    Ако ве третираат како инструмент, ќе ве баждарат секој ден.
3.    Бев ѕвезда, ама не знаев дека ѕвездите паѓаат.
4.    Блескава кариера: од магарешка клупа скокнав на коњ.
5.    Бракот ми е песна... на плејбек!
6.    Вистината е на мојата страна, ама тештата не е!
7.    Во лош брак се разведуваш секој ден.
8.    Во политиката сѐ е можно. Дури и по некоја оставка.
9.    Во политичките кујни може да останеш жив гладен.
10.    Вујко ми владика е локален бог, а јас локален шериф.
11.    Гледав комедија со трагичен крај. Публиката пукна од смеа.
12.    Го загубив апетитот. Жена ми често ми готви печурки...шумски!
13.    Дипломирав! На таблица множење ќе магистрирам.
14.    Жената е убава наутро. Потоа е шминкана.
15.    Жената секогаш е во право. Човечки е да се греши!
16.    Жените од памтивек се исти, но вo еден ден можат да се променат трипати.
17.    За сметка на должностите во кујната ми ги намалија во спалната. Чиста сметка - долга љубов!
18.    Задоволен сум од бракот, ама тоа не ја задоволува сосетката.
19.    Залудно ми работат зад грб. Пред нив сум сто и една светлосна година..
20.    Играм како други ми свират. Тешко ми е и да играм и сам да си свирам.
21.    Јас и во сон фантазирам гласно . Затоа сум разведен пет пати.
22.    Јас сум мета за истрели во празно.
23.    Tие, зад водачот, климаат со главите и додека тој пие вода.
24.    Јас сум модерен заводник. Располагам со епитети, а не со пари.
25.    Каде е љубовта? Во бирото за изгубени работи.
26.    Кога жената ќе престане да се жали на недостаток од внимание, црта брачен триаголник.
27.    Кога жените бираат, јас не сум во игра.
28.    Колешката ми се вовлече под кожата, а од оваа кожа во друга не се оди.
29.    Лек за депресија кај сопругoт: испраќајте го, секој петок, на ергенска вечер!
30.    Лек за депресија кај сопругата: испрати ја во шопинг со твоите картички!
31.    Лесната жена е погодена мета, а промашена цел.
32.    Љубов е, кога ќе и' го кажеш тоа што го мислиш, а потоа три пати и' се извинуваш.
33.    Магистрирав на таблица множење. Ќе докторирам на азбуката.
34.    Мажи, подобро измиени отколку летачки чинии!
35.    Матни времиња. Сите бистрат политика.
36.    Ме обвинија за непотизам, а жена ми не ми е роднина.
37.    Ми скокна стандардот. Ги продадов сите магнети од фрижидерот.
38.    Му дозволивме да се збогати преку ноќ. Спиевме!
39.    На жена ми за да не и велам дека мејкапот е скап и велам дека е природно убава.
40.    Најголемата моја слабост: ме сакаат сите жени.
41.    Ако трудот го прави човекот, ние сме настанале од работливите мајмуни.
42.    Не знам што да правам со годините. Ги продавам на старо.
43.    Не можат да ме купат! Држам цена.
44.    Од брак со две први виолини останува раштимован оркестар.
45.    Од наградите не се гледаат делата.
46.    Патентирав нов изум -часовник за изгубеното време.
47.    Пензиите одамна не се покачени. Младите тоа не можат да го издржат.
48.    Писмен или полуписмен - прашање е  сега!
49.    Понекогаш жените знаат што сакаат, ама мене ми текнува отпосле.
50.    Премногу сме информирани... со лажни вести.
51.    Работам тешка работа. Барам работа.
52.    Родителите на лошите деца не се виновни за тоа. Тие се најзаслужни.
53.    Се занимавам со екстремен спорт. Во брак сум!
54.    Се пронајдов себеси. Изгубен случај!
55.    Се удирав в гради. Сега ме удира кој ќе стигне.
56.    Сум напишал многу автобиографски афоризми. И јас не сум цвеќе за мирисање.
57.    Таму каде што сѐ е под конец, нема марионети.
58.    Успешен сум! Жена ми стои пред мене.
59.    Учев на туѓите грешки. Сега студирам на сопствените.
60.    Царот е гол! Не се сокрил навреме во орманот.
61.    Чаршија - како тоа факултетски звучи.
62.    Читам како што е напишано... меѓу редови.
63.    Џентлменот чука и на врата од ормар.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »