речник контакт

Куклената претстава ,,Принцезата и гускарот,, в понеделник премиерно

Прв пат по 5 децении во велешкиот театар претстава со марионети

Петар Печков

Понеделник во 10 часот велешкиот театар премиерно ќе ja прикажe претставата  ,,Принцезата и гускарот,, по мотивите на истоимената прикаска од   германскиот раскажувач и писател Вилхелм Хауф  а во режија на  Дарко Ковачовски. 

Овој тип на претстави со кукли марионети,  водени од дистанца преку водач и конец, прв пат се играат во велешкиот театар од неговото обновување. Се играле до 60-тите години на минатиот век, оттогаш ги немало на репертоарот.

Текстот  на  ,, Принцезата и гускарот,,  е многу сличен со ,,Свињарот,, од Ханс Кристијан  Андерсен, оти  приказните секогаш се надополнуваат и пренесуваат.  За мене беше голем предизвик да се создаде драматизација на оваа прикаска , која е пишувана во романтичен стил.  Голема чест  е што работам со овие актери, кои прават чекор напред во однос на тоа што досега го работеле, оти нивната енергија ја пренесуваат на куклата. Тие сега, во текот на подготовките на претставата согоруваат, за утре, кога ќе биде премиерата, да светнат. Овие претстави се ретки, затоа што се доста захтевни, понапорни, имаат повисок критериум за работа – вели режисерот Дарко Ковачовски. 

Тој дипломирал  режија во класата на професорот Слободан Унковски, потоа во Софија дипломирал куклена режија.  Заедно со неговата сопруга  Надја Василева Ковачевска која е сценограф магистер по  кукларски технологии,  десетина години се занимаваат со кукларство.

Во претставата настапуваат: Кети Борисовска,  Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Марија Стефановска, Жарко Спасовски.  Според Јордан Витанов директорот на театарот ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, целта  со поставувањето на оваа претстава е обраќање кон најмладата публика, која има потреба од  куклени претстави.Таа потоа ќе се најде и на редовниот репертоар.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »