Петар Печков
Објавено: сабота, 11 мај 2019
Народна банка лани открила 919 фалсификувани странски пари во Македонија. Од нив, 731 банкнота биле американски долари, а од откриените фалсификувани евра, 145 биле банкноти и 4 монети од 2 евра. Вкупно, Народна банка извршила експертиза на 1.031 парчиња, од кои 112 се покажало дека се оригинални пари.
Споредено со 2017 година, лани биле откриени повеќе фалсификувани долари (731 парче наспроти 26 парчиња во 2017), а помалку евра (149 парчиња наспроти 560 парчиња во 2017).
Кај денарите од вкупно доставените 358 сомнителни банкноти, при проверката било утврдено дека 128 примероци се оригинални, додека останатите 230 примероци се фалсификувани пари.
„Бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2018 година е помал за 43 проценти во однос на 2017 година. Во вкупниот број откриени фалсификувани книжни пари во 2018 година, најзастапен е апоенот од 500 денари (136 парчиња), или 59,1 процент од вкупниот број фалсификати, потоа следува апоенот од 1.000 денари (44 парчиња), или 19,1 процент од вкупниот број фалсификати и апоенот од 100 денари (35 парчиња), или 15,2 проценти од вкупниот број фалсификати. Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2018 година изнесува 134.210,00 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек“, вели Народна банка во последниот годишен извештај.
Tweet |