Петар Печков
Објавено: вторник, 28 март 2023
Ланското невреме кое во три наврати за пет дена на крајот од мај, ја зафати Општина Лозово, причини штета од 39 милиони денари, процени комисијата за проценка на штети.
При невремето била зафатена површина од 480 хектари, во неколку села од општината. Кај земјоделските култури имало 185 пријави кај физички лица, додека пет пријави билe од две правни лица. Оштетување на објекти и возила, од градот и силниот ветер, пријавиле 70 физички лица.
„Жителите од населените места кои што беа зафатени од невремето чекаат на исплата на штетите што е можно побргу, бидејќи имаа намален принос и оштетени плодови. Кај овошните и лозовите насади и годинава има последици бидејќи има оштетувања и рани на лаковите на виновата лоза и гранките кај овошките, па граѓаните имаат потреба од финансии“ - соопштија од Општина Лозово.
Поради големината на зафатените површини и бројноста на оштетените, биле формирани две комисии за проценка на штети на земјоделски посеви и една комисија за проценка на движен и недвижен имот. Кај земјоделските култури штетата е проценета на 38 милиони денари, од нив 24,7 биле на правни лица а 13,3 милиони кај физички лица. Штетата за опрема и возила е процената на еден милион денари.
Општина Лозово ја зафати големо невреме во јуни 2018 година, чии штети беа проценти на 150 милиони денари. Во текот на ланската година, Владата ги обесштети жителите кои пријавиле штети. Во два наврати во текот на септември и декември лани, таа префрлија 149 милиони денари .
Tweet |