Петар Печков
Објавено: среда, 19 февруари 2014
Зградата на салата Бели мугри, како и објектот на Ликовниот салон локалните власти ги легализирале со постојниот Закон за легализација на дивоградбите. Ова го соопшти градоначалникот Славчо Чадиев. Тој напомна дека до ова дошло откако се јавила потреба за санација на овие два значајни културни објекти во градот.
Се јавија формални проблеми околу започнувањето на процедурата за санација на овие два објекти. Тие беа дивоградби. Прво ги пријавивме согласно Законот, потоа добивме согласност, па вадевме имотни листови. Сега тоа е конечно завршено како постапка и тие се сопственост на Општина Велес. По ова ќе можеме да извршиме санација – изјави градоначалникот Чадиев, не соопштувајќи повеќе детали за овие дивоградби како што ги именуваше.
Само напомена дека во салата Бели мугри имало проблем со подот на бинта кој ќе се санира заради безбедноста на учесниците на настанети кои таму се случуваат. Ќе се санира и кровот, исто како и на Ликовниот салон кој поради влага на неколку места има оштетување.
Претходно минатата есен беше легализирана и зградата на фудбалскиот стадион, каде се соблекувалните која исто така била дивоградба.
Tweet |