Петар Печков
Објавено: вторник, 17 ноември 2015
Неодамна го добивте признанието „Наставник на годината, за 2014/15“, доделено од Сојузот на просветни работници на Република Македонија. Колку години работа и посветеност стојат зад ова признание?
Зад оваа висока и престижна награда стојат цели 29 години работа. Постепено, скала по скала, стигнав до мојот успех. Добриот наставник се познава преку неговата работа, преку неговите ученици, преку работата на часовите, учествата на регионални, државни и меѓународни натпревари. За да се биде успешен во таа работа треба да се биде, пред се', одличен педагог, некој кој учесниците постојано ги подучува на нешто корисно и паметно.
Кој момент од Вашата работа сметате дека беше пресуден за да бидете прогласени за „наставник на годината“?
За да добивање на наградата „Просветен работник на годината“ се следи целата работа на наставникот, односно се конкурира со сите документи кои ќе ја потврдат долгогодишната работа, но важни се и освоените дипломи, сертификати, потврди, благодарници, пофалници на учениците, со кои сум добивала награди на општински, регионални, државни, но и меѓународни натпревари. Јас бев предложена од организацијата „Просветни работници - литературни творци“, а ми даде поддршка претседателката на Литературниот фестивал „Ракатки“, Славка Арсова, каде што сум долгогодишен учесник и сум освојувала повеќе награди. Со учениците имаме освоено околу 46 награди на натпревари, но тука се и моите дипломи за усовршување како наставник по македонски јазик, но и како ментор. Исто така, значајна е и онаа награда од меѓународен ранг. Станува збор за италијанската награда, добиена во Италија (во конкуренција со учесници од многу земји, Шри Ланка, Португалија, Африка, Романија, Британија, САД, Иран и многу други).
По учествата на „Ракатки“, „Рацинови средби“, „Лирски треперења“, но и на меѓународни манифестации во Србија, Русија, ние, со учениците учествувавме во Италија на конкурсот „Кастело Ди Дуино“, и освоивме престижната почесна награда, потврдена со пехар, сертификат, диплома. На тој, тридневен Меѓународен литературен конкурс во Трст, организиран од госпоѓа Габриела Валера Грубер, се пишуваше на тема „Патување“ и учествуваа 14 наши ученици. Со помош на сите родители на учениците- добитници на наградата, заминавме во Италија, но со спонзори кои родителите сами си ги најдоа, а во придружба на две мајки како поддршка. Учениците ги читаа песните на македонски јазик и го развиоривме македонското знаме во салата каде што ни беа доделени наградите. По повод наградата од Италија, имавме прием кај претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов
Какви се условите за работа во училиштето каде што работите, во Лозово?
Тоа е тема што многу ме погодува и не можам да се пофалам со некои посебни услови. Но ќе откријам една тајна - токму поради тие услови и конкуриравме на италијанскиот конкурс, каде што ако победевме и добиевме парични средства, на тој начин ќе можеме да си купиме звучници, печатач или барем основните работи за да можеме да си ги подобриме условите за работа со компјутерите. Но таа награда ја добија учениците од Иран, а ние почесната награда. Условите се тие, но мене и моите ученици тоа не не' спречува да одиме напред. Ќе учествуваме и на други конкурси, каде што ако освоиме парична награда ќе купиме, а може и некој ќе не' награди со еден печатач, кој многу ни е потребен.
Вие пишувате за своја душа, а наградувана сте и за поезија и за проза...
Имам и многу личен труд во областа на пишаниот збор, кои ги објавувам во разни книги како коавтор, антологии, зборници, стихозбирки. Јас пишувам и за моја душа. Го сакам и почитувам пишаниот збор. Имам многу материјал за објавување. Добив повеќе награди: меѓународни, државни на разни конкурси, а моето творештво е објавувано во повеќе книги, антологии на македонски, српски и на хрватски јазик.
интервјуто е преземено од Утрински
Tweet |