Петар Печков
Објавено: сабота, 26 април 2014
На луѓето, генерално, им е полесно да станат еден час подоцна отколку да одат на спиење порано и да станат еден час порано. Затоа потешко им паѓа почетокот на летното сметање на времето напролет отколку преминот на зимското сметање на времето наесен
Проблемите со спиење можат да се јават кај некои лица по поместување на времето за еден час понапред, кога започнува летното сметање на времето. Како што велат експертите што се занимаваат со нарушување во спиењето, многу луѓе имаат проблеми да се приспособат на промената на навиките поради летното или зимското сметање на времето.
„Внатрешниот часовник“ на човекот има тенденција да се програмира подолго од 24 часа дневно и да се движи малку подолго од времето прикажано на часовниците“ – вели д-р Стивен Фејнсилвер, директор на центарот за спиење на Медицинскиот факултет „Маунт Синај“ во Њујорк.
Според зборовите на д-р Фејнсилвер, тоа значи дека на луѓето, генерално, им е полесно да станат еден час подоцна, отколку да одат на спиење порано и да станат еден час порано. Затоа потешко им паѓа почетокот на летното сметање на времето напролет, отколку преминот на зимското сметање на времето наесен.
Доктор Фејнсилвер навел некои предлози за да се преспие добро ноќта:
- многу е важно да се одржи конзистентно времето на будење, кое не би требало да се разликува за повеќе од еден час за кој било ден, вклучувајќи ги и викендите;
- спиењето и сексот се единствените работи што би требало да се прават во спалната соба;
- краткотрајното читање во кревет пред спиење може да биде корисно, но без претерување;
- телевизорот и компјутерот во спалната соба се лоша идеја и негативно влијаат врз спиењето;
- спиењето од 7-8 часа во кревет доведува до повеќе цврсти периоди на спиење во текот на ноќта;
- малку физички активности и вежбање во текот на денот можат да ви помогнат да имате подобар сон;
- голем физички напор, непосредно пред одење во кревет, не е добар за мирен сон;
- не јадете обилни оброци пред спиење, но и не одете гладни во кревет;
- избегнувајте кофеин (кафе) и алкохол, неколку часа пред спиење;
- ако имате многу обврски за наредните денови, не е лоша идеја, еден час пред спиење да ги запишете на хартија, или во тетратка сите „свои грижи“ и се' што треба да направите следниот ден. Тогаш можете да го оставите списокот на страна и да се олабавите пред да отидете во кревет.
Фејнсилвер потсетува дека секој може повремено да има лоша ноќ и лошо да спие. Ефектите од една таква ноќ не се сериозни, зашто врз квалитетот на сонот можат да влијаат временските прилики, жештината, биопрогнозата, бурните настани, стресните настани, уморот, вревата, промената на креветот и слично.
Tweet |