речник контакт

Ликовна изложба со морски пејзажи во Ликовен салон

Авторот Таневски пред велешката јавност се претставува со 30-тина дела, пејзажи масло на платно, изработени од 2002-та до 2012-тата.

Петар Печков

Во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложбата на дела „Марини“ на авторот  Ацо Таневски од Скопје.  Тој пред велешката јавност се претставува со 30-тина дела, пејзажи  масло на платно, изработени од 2002-та до 2012-тата.

На моите дела се прикажани марини, од морето, езерото. Тоа  беше моја преокупација 15-тина години. Делата се продукт на мојата филозофија дека човекот е напасник на планетата и природата. Ја уништуваме природата, околината  а со тоа и морските површини. Затоа на моите дела отсуствува човекот, туку е дадена самата природа, која е недопрена - кажа авторот Таневски.  

Изложбата е проект од национален интерес  во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајн за 2020 година, финансирана од Министерството за култура, во реализација на одделението за Историја на уметноста, ЛУ Народен музеј Велес.

Живеејќи во време на глобално загадување на животната средина и драстично намалување на чистите еко-системи за преживување  на животинските и растителни видови, егзотично изгледа сликан пејзаж и необично звучи класичен ликовен пристап и приказ на недопрена природа. Водата како извор на праживот во различна форма, морски брегови, езера и реки, слатка и солена вода) е главен мотив на сите дела.  На сликите е забележливо отсуството  на човекот, и предмети направени од човечка рака - рече промоторот Елица Николова, историчар на уметноста при Народен музеј Велес.

Ацо Таневски  има завршено  средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности  во Скопје, педагошки отсек со сликарство, вработен како едукатор во Национална галерија на Македонија. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »