Петар Печков
Објавено: петок, 26 јануари 2024
Сообраќајното решение за центарот на градот, предизвика многу реакции и прашања во јавноста во Велес. На денешната прес конференција ТрМр го праша градоначалникот на Велес, Марко Колев што се случува со изградбата, која евидентно е сопрена.
„Кога дојдов на оваа позиција, кажав дека ќе ги продолжам сите проекти, кој ги наследив. Ова сообраќајно решение е подготвено многу порано пред јас да дојдам. Се обидуваме со сообраќајните инженери на и докажеме на финансиерот ЕУ дека делумно тоа што е пишано во апликација е можно, делумно не. Се трудиме да и објасниме на ЕУ дека ни е потребна пешачка зона, но во период кога народот е раздвижен а тоа е во топлите месеци. Нашиот сегашен концепт е, не да се затвори целосно улицата 8 Септември, туку во топлите месеци кога децата се на распуст. И тоа во одреден дел од денот, тоа е попладне, како што беше порано претходно корзото, тие 2 -3-4 часа, улицата 8 септември да биде затворена а улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур да бидат двонасочни. Оти постои опасност ако не се реализира проектот да ги вратиме 700-800 илјади евра да ги вратиме на ЕУ. Проектот предвидува ул. 8 септември да биде само за автобуси. Се надевам дека нашите пријатели од ЕУ ќе ги разберат нашите позиции, улицата 8 Септември да биде затворена неколку часа во одреден дел од годината. Во тој период децата тука би рекреирале, возеле, играле“ - кажа Колев.
Според проектот предвидено е намалување на кружниот тек кај споменикот Коњаник, изградба на друг на Сармаале, што е реализирано, улицата Архиепископ Михаил да биде еднонасочна што исто така се случи, а улицата 8 Септември да биде пешачка зона, освен за автобусите, во период кога ги превезуваат работниците на работа.
Исто така завршено е поставување на одводна мрежа за атмосферската вода од центарот на градот, од Сармаале до мостот Гемиџии. Предвидено е улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур да бидат двонасочни. Велес е единствен поголем град во Македонија кон нема пешачка зона во центарот.
Tweet |