Петар Печков
Објавено: четврток, 17 јуни 2010
Во складиштата на јавното претпријатие „Македонски шуми“, вклучувајќи го и велешкиот на ШС Бабуна, буката се продава по цена од 2.372 денари по метар, а дабот за 2.453 денари. Во цената е вклучен и данокот на додадена вредност, објави раководството на компанијата по информациите објавени дека огревното дрво се продава по цена од 3.000-3.500 денари.
Од компанијата тврдат дека има доволно залиха на огревно дрво и оти се полни нивните складишта во Велес и останатите македонски градови. Помошникот на директорот за комерцијално работење, Љупчо Ивановски информира дека заклучно со април во Македонски шуми се произведени околу 230 илјади метри просторни огревно дрво и оти имаат склучено договори со пензионери и некои синдикати за испорака.
Годинава планот на компанијата е да бидат произведени околу 630 илјади метри кубни огревно дрво. Од компанијата најавуваат дека наесен ќе биде спроведена акција за уништување на боровиот четник во оние делови каде тој е најприсутен.
Раководството тврди дека компанијата годинава бележи позитивни резултати во работењето и оти сите задолжувања што ги имало претпријатието се исплатени. Од самофинансирање обезбедуваат пари за околу 2.500 вработени и засега нема најави за отпуштање.
Tweet |