Петар Печков
Објавено: четврток, 28 август 2014
На излезот од Велес, во правец кон Гевгелија, од десната страна на самиот пат кој води кон Градско, се наоѓа манастирот Св. Димитрија, во близина на Крзнарницата.
Овој храм бил пет векови закопан се до 1855-та година. Црквата е еднокорабна градба над кој се издигнува кула со камбанарија - поради која е карактеристична и се издвојува со оваа своја посебност од другите средновековни цркви во Македонија. Манастирската црква е посветена на Великомаченикот и воин Димитрија, која има интересна историја, се смета дека е изградена во XIV век.
По доаѓањето на Турците и топовското бомбардирање, манастирот бил затрупан. Ова според записите било некаде пред 1400-тата година. Црквата била под земја се до 1855-та година, кога на воденичарот Петре Здравев, кој живеел близу, на сон во неколку наврати не му доаѓал абер да ја откопа црквата.
Во неговите настојувања, успеал да ги убеди турските бегови да му дадат дозвола, по што црквата навистина била пронајдена. Затоа неговиот гроб е во дворот на манастирскиот комплекс. Зографските работи ги извршил велешанецот Хаџи Коста Крстев. Овој настан е овековечен во внатрешноста на црквата на јужниот ѕид со натпис изработил Х. Косте Зограф и фотограф.
Ова е недоволно истражен податок, дека уште во средината на 19-ти век за прв пат во Македонија , далеку пред браќата Манаки, се споменува занимањето фотограф. Велешани манастирот Св. Димитрија масовно го посетуваат секоја пролет, после Велигден, четврток попладне и навечер спроти Источен петок- Балаклија, кога е нејзиниот патрон.
Околу манастирот има бројни стари цркви: Св.Петка, Св.Никола, Св.Недела, Св. Јован, што го прават овој комплекс за единствен.
Tweet |