речник контакт

Маслодајната репка, спас за Велес од тешките метали

Тешките метали од земјоделските површини ќе се чистат со одгледување на маслодајна репка и прерароботка во био гориво

Петар Печков

Загадените земјоделски површини во велешко ќе се чистат од тешките метали, преку одгледување на маслодајна репка, која потоа би се преработувала во био-гориво. Овој процес  на деконтаминација,  отстранување на оловото и кадмиумот од почвата го започна и  го нуди Еколошкото друштво ,,Вила Зора,, од Велес за земјоделците од градот. За негова реализација обезбедена финансиска помош од Норвешката амбасада, за засадување, одгледување и откуп на маслодајната репка, како и соодветна опрема која ќе ја преработува.  Проектот ќе трае три години.

Велешката почва и земјоделските и градинарски производи што се одгледуваат имаат загрижувачки вредности на тешки метали во себе, кои се апсорбирани од почвата. Преку ланецот на исхрана, тие завршуваат во луѓето. Затоа со помош на Норвешката амбасада започнуваме процес на деконтаминација на земјоделските површини во околината на градот.  На земјоделците им нудиме да засеат маслодајна репка, која според стручњаците е најголем пречистувач на почвата. Истата ќе ја откупиме и предадеме на велешка Маслодајна да се преработи  во био-гориво. Од неговата продажба  би се обезбедиле средства за следната година. Не можеме земјоделците да ги принудиме да ја садат репката, но можеме да им понудиме да ја исчистат почвата – изјави д-р Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.

Во тек во Маслодајна бил процесот на инсталација на опремата за производство, кој е донација исто на Норвешката амбасада. Фабриката за масло Благој Ѓорев од овој процес нема да има никаква економска добива, напротив се вклучила со нивните луѓе и знаење, да придонесат за подобра животна средина на велешани. Заради едукација, со земјоделците од Речани, Башино Село и Караслари, каде почвата е најзагадена, екологистите во наредниот период ќе имаат средби за да ги запознаат за овој проект.

Тој ќе се работи три години и по овој период може да се смета дека почвата, таму каде што ќе се одгледува маслодајната репка ќе биде исчистена. Засега иако непромовиран, за проектот на чистење на почвата се јавиле двајца заинтересирани земјоделци. Екологистите од Вила Зора побарале помош и од Министерството за земјоделие, заради поголем интерес за одгледување на маслодајната репка, таа да биде субвенционирана од страна на државата.

За чистење на јавно прометните површини,  на почвата во  дворовите од училиштата и градинките во Велес, ЕД Вила Зора заедно со општината веќе го спроведе проектот на засадување на седум илјади рози, преку чии коренов систем треба да се отстранат тешките метали, кои во велешката почва ги има до 50 цм длабочина, поради три децениското згадување на Топилницата. Оловото и кадмиумот стручњаците ги посочуваат како најотровни и штетни метали по здравјето на луѓето.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »