Петар Печков
Објавено: среда, 03 ноември 2021
Привршува откупот на сончогледот во велешката фабрика за масло „Кристал“. Започна од крајот на август и досега се откупени 6,5 илјади тони, или без малку целокупниот род од земјава а дел, две илјади тони, е набавен и од Србија. Сушата придонела сончогледот да има помал род од очекуваните засеани површини.
„Овие откупени количини се незначителни, во однос на нашите инсталирани капацитет. Оваа количина ги покрива потребите за 30 отсто од планираното производство. Остатокот ќе треба да го надополниме со сончоглед, што е тешко или со купување на сурово сончогледово масло од увоз“ - кажа Силвана Манаскова, раководител на сектор за маркетинг
Велешка Маслодајна неколку години води кампања, со цел враќање на сончогледот на македонските полиња. Таа дава резултати, но потребна е помош и од државата, велат од фабриката. Со земјоделците се склучуваат договори, со кој тие добиваа бесплатен семенски материјал, вештачко ѓубриво и средства за заштита.
Годинава за прв пат имало и загрантирана најниска откупна цена која била 19 денари од килограм а откупната била 28. Осумдесет отсто од земјоделците кои го предале сончогледот, веќе биле исплатени.
Маслодајна има капацитет да ги задоволи потребите на земјава со производство над 50 отсто од целокупните потреби. Лани од македонските полиња беа откупени три илјади тони, во 2019-та седум илјади тони а во 2018-та 2,3 илјади тони сончоглед.
„Велешка Маслодајна е единствен инсталиран капацитет во земјава, за производство на масло за јадење од сончоглед. Ние сме единствени што произведуваме масло за јадење од нива до трпеза. Работиме со новиот сончоглед о минатиот месец, октомври. Освен масло за јадење произведуваме маргарини, оцет, кондиторски производи - алва, локум, желе “ - рече Олгица Стојанова директор на производство во Маслодајна.
Цената на маслото за јадење, од раководството на Маслодајна соопштуваат дека се формира според светските берзи. Во Македонија во просек се троши за една година по едно шише масло по жител за еден месец. До пред 20-тина години, целокупните потреби од 24 илјади тони масло за јадење во Македонија, биле задоволувани од домашно производство, не од увоз.
Tweet |