Петар Печков
Објавено: четврток, 10 септември 2015
Штрајкот на машиновозачите на Македонски Железници - Транспорт, ги остави велешани на Железничка станица. Тие од вчера попладне и утрово се самоорганзираат за да стигнат до Скопје. Во најголем број од две илјади претплатни месечни билети од Велес, тоа се вработени и ученици кои треба навреме да дојдат на работните места или училишните клупи.
Од Железничката станица во Велес потврдија дека од вчера попладне ниту еден воз не пристигнал ниту тргнал кон била која дестинација. Сообраќаат единствено возовите кои ги превезуваат мигрантите.
Утрово кога отидовме во 5 часот, со првиот воз за Скопје, немаше композиција. Ни кажаа дека штрајкот продолжува. Бевме стотина патници, се организиравме со колите и заминавме за Скопје. Други отидоа на Автобуска. Така беше и вчера попладне. Кога стигнавме на железничка во Скопје дознавме дека имало штрајк, ама таму е Автобуска блиску и веднаш се снајдовме и дојдовме дома. Лошото во целата работа е што ова се дополнителни трошоци за нас, за автобуски превоз, за бензин кои мораме да ги платиме за да дојдеме на работа. Згора на тоа телефонот на Железничка не работи со години и не може да се дознае дали возовите сообраќаат или не, мора да дојде на станица лично да се провери - вели велешанец кој со години патува за Скопје на работно место.
Неговиот проблем го имаат и бројни сограѓани и ученици од средните училишта кои се школуваат во главниот град, а до таму патуваат со воз. Посебно било лошо за патниците кои доаѓаат од Скопје со последниот воз во 22,40.Тој не сообраќал, немало автобуси повеќе за Велес, така што овие велешани морале да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Некои останале кај пријатели и роднини, други пак морале да плаќаат повисока цена на превоз со дивите таксисти, кои им се нудел да ги превезат до дома. Зголемената фреквенција на патници, гужва и редици за да се купи билет и се стигне до Скопје, била сликата на велешката Автобуска станица утрово. Од таму потврдуваат дека имало зголемен број на патници, но сите тие се качиле и заминале за Скопје.
Во ваквата ситуација, работа имало и за дивите таксисти околу Автобуската во Велес, кои уште рабно утрово во голем број ги превезувале велешани до Скопје. Од ЈП МЖ потврдуваат дека патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава и натаму е во прекин, откако од вчера напладне машиновозачите ги бојкотираат работните задачи незадоволни од доцнењето во исплатата на платите.
Не сообраќаат ниту меѓународните возови од и за Србија и Грција. Според Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСМПМ), бојкотот е поради доцнењето на исплатата на платите, материјалните трошоци и здравственото осигурување за јули и за август, за што бараат средба со премиерот Никола Груевски, бидејќи не се задоволни од досегашните разговори со раководството на МЖ Транспорт и со ресорното министерство.
Tweet |