Петар Печков
Објавено: петок, 11 октомври 2013
Откако велешанецот Влатко Лондов ја конструира мешалката за ајвар, на домаќинките веќе им е многу полесно подготвувањето на овој наш национален деликатес. Така наместо со раце и постојано на оган, домаќинките ќе можат да ги извршуваат другите работи низ домот додека изумот на Лондов го меша ајварот и се грижи тој да не загори.
Изумот чини 9.000 денари заедно со тенџерето во кое се подготвува ајварот. Според изумителот, овој пронајдок ќе може да се користи за подготвување и на другите специјалитети што традиционално се подготвуваат за зимница. За тоа како дошол на идеја да ја направи оваа мешалка, Влатко вели:
Долго време бев сведок на макотрпните мешања и колку време се минува над жешкото тенџере и се меша ајварот. Така и ми дојде идејата и јас да направам нешто со што ќе им помогнам на луѓето полесно да ја подготвуваат зимницата. Затоа го конструирав овој изум, со кој ајварот се меша со помош на мешалка. На него работев подолго време и неколку години наназад веќе функционира - изјави Влатко, кој е бравар по струка.
Изумот е конструиран од електромотор на бришач на прозорци од камион - кој го движи апаратот, не'рѓосувачки метал и од перки што служат за мешање на ајварот. Досега изработил и продал триесетина вакви мешалки, но повеќето им ги позајмувал на соседите, роднините, пријателите.
Тој е спас за домаќинките или за нивните домаќини што се решиле да помагаат при подготовката на ајварот. Мешалката може да се употреби и за правење мармалад, лутеница, разни сосови од домати и слични кулинарски специјалитети - вели Тина, сопруга на Влатко.
Според неа, благодарејќи на мешалката, жените можат да здивнат и да немаат плускавци на рацете или болки во грбот од подготвувањето на зимницата. Тие што ја користеле мешалката се многу благодарни и велат дека маката сега ја нема и досега немало случај ајварот да загори.
текстот е од пред 8 години
Tweet |