Петар Печков
Објавено: вторник, 11 април 2017
Во средата започна откупот на младиот кромид во велешко Башино село кој се пласира на Хрватскиот пазар а веќе четврток завршува. Кратко само десетина дена трае откупот на овој раноградинарски производ и со цена која е на задоволство на одгледувачите.
Пред и потоа остануваат откупувачите од земјава, кои плаќаат далеку помалку. Сликата во селото, во различни делови од денот е спротивна. Околу пладне на влезот во Башино село, каде е откупниот центар за млад кромиди, кој се откупува за Хрватска, редица од автомобили.
Откупната цена е 45 денари за килограм лани беше 50 денари за кг, исплатата е за неколку дена. Годинава е покрупен младиот кромид, така што ќе дојде иста вредност како пред 12 месеци. Имавме добар род, задоволен сум, досега донесов две тури имам уште пет – вели Лазе Анастасов од Аџиматово, Овче поле. И додека производителите од овој крај се задоволни од родот, производителите до Башино село се жалат на помал род.
Годинава помалку ни роди, семето не` се погоди. Имаме два пати помалку род од лани, оти фана некоја болест. Но цената е добра тука на ова откупно место, но кратко трае овој откуп за Хрватска, осум дена – вели одгледувач од Башино село.
Селото кое е на влезот во Велес, има околу 200 куќи со илјада жители и секој дом, без исклучок одгледува млад кромид. Разбирливо е штом влезете во него, мириса на овој зеленчук. Цели фамилии работат на него, го корнат, чистат, перат, пакуваат. На пазар во Велес цената по еден врзоп е 3 врзопа за 20 денари. Но попладне е друга слика. Тогаш доаѓаат накупци, која го земаат за далеку пониска цена.
Сноп од пет до 7 кг се откупува за 120 денари, или околу 20 денари за килограм, што е двапати пониско од овој за Хрватите. Толку била на Кванташки, толку и македонскиве препродавачи даваат. Од после Велигден ќе ни го земаат и за такаречено без пари. Затоа сите во селото ги намаливме површините и сакаме да го предадеме за во Хрватска. Работиме по цела фамилија за да можеме што повеќе млад кромид да обработиме овие денови, да не остане по нивите. Порано години наназад го откупуваа и за Србија, Косово, но овие пазари ги изгубивме – вели земјоделец, кој објаснува дека е еден од неколкуте регистрирани во селото.
Потоа ќе се надеваат дека Први мај и продолжениот три дневен викенд годинава ќе биде со добро време,за да може излетниците колку толку да го купат и тоа што останало да се продаде. Тоа е последната можност нешто да се спечали. И тажно се присетуваат дека во времето во СФРЈ Башино село ја снабдуваше целата тогашна држава, пазар од 22 милиони луѓе.
Tweet |