Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 мај 2018
Сведочењето на анестезиологот д-р Томо Ванчев предизвика многу емоции во судницата на Основен суд Велес, каде денес се одржа рочиште во предметот против тројцата доктори кои се обвинети за смртта на родилката Маја Кадеива и нејзиното бебе. Тој бил последен што комуницал со неа и ги раскажа последните моменти од животот на Кадиева. Во салата за операции влегол околу 20 ч. а пет минути подоцна ја донеле и родилката. Ја ставил н а монитор, ги примила потребните лекарства.
Беше преплашена. Ја прашав дали е алергична на храна, на лекарства, дали е болна. Таа одговори одречно. Ми рече дека многу и е страв, јас ја погалив по глава и реков дека ќе ја заспијам - рече д-р Ванчев.
Овие негови зборови предизвикаа плач и солзи кај мајката на Маја и кај нејзината тетка а сопругот Димитрија Кадиев ја наведна главата и гледаше во подот. Доктор Ванчев до детали раскажа што потоа се случувало во салата и бараше од судот се да раскаже како било.
Откако Маја добила лекови, сатурацијата -присуството на кислород во крвта нагло паднало на 80, иако можно е да падне до 98до 95, вредноста била далеку пониска. По ова Ванчев, за кого нискиот степен на сатурација бил знак дека нешто се случува со респираторниот систем, започнал веднаш со интубација.
По првата интубација констатирал дека нема дишење, немало движење на градниот кош, ниту карактеристично кркорење во желудникот а сатурацијата паднала на 78. Веднаш пристапил со втора интубација со тубис бр.7, исто како првиот пат. Го засилил доводот на кислород преку маска, дал релаксанс, додека ја подготвувал втората интубација.
Ниту втората интубација не дала резултат. Третата интубација ја извршил со помал тубус бр.6, претходно дал дексаметеазон и аторпин кои се користеле за кризни моменти, подобрување немало. И по третата интубација промени немало, па започнал со постапка на реанимација а родилка ја држел на маска, прецизираше дека повеќе не тој вршел интубација, па побарал помош од колегата анестезиолог д-р Зоран Јовановски.Тој дошол бргу во салата. Тука судењето беше прекинато.
Докторот Зоран Јовановски беше исто така обвинет во овој случај но во меѓувреме почина. Димитрија Кадиев сопругот на Маја, тврдеше дека докторот се самоубил, не умрел од природна смрт.
Претходно анестезиологот Томче Ванчев објави дека апаратите за анестезиологија, кој претходната Влада ги набавила, стоеле со години неупотребени. Опишувајќи што се случувало критичната вечер на 22 октомври 2015-та година, кога било породувањето на Кадиева со закажан царски рез, д-р Ванчев објасни во какви услови се работело.
Имавме проблем со апаратот за анестезија. Тој беше добиен од грант од Италија, ги имаше во повеќе здравствени институции во земјава, но никаде не проработеа, освен еден во некоја од Клиниките во Скопје. Летото пред да се случи настанот со родилката,тогашниот министер Никола Тодоров дојде во гевгелиската Болница, имаше состанок со докторите. Јас го кажав проблемот дека не работи апаратот за анестезија ниту пациент мониторот. Тодоров испрати во два наврати комисија од инжинери, мајстори, но апаратот не проработе. Не дознавме што беше проблемот. Со години стоеше во хирушката сала прекриен и неупотребен - рече д-р Ванчев.
Тој се пожали дека иако во повеќе наврати барал трет доктор анестезиолог во гевгелиската Болница, таков специјалист не дошол. Критичниот ден на 22.10.2015 имал шест операции во сала бил од 9 до 15ч. и на крајот на работното веме му било кажано дека вечерта има породување со царски рез помеѓу 19 и 20 ч.
Негираше дека попладнето пиел алкохол иако според обвинението дошол пијан. Откако бил на ручек во ресторан, чекајќи повик изелгол и се шетал по гевгелиските улици. Бидејќи му било најавено дека има царски рез помеѓу 19 и 20 ч. а повик немало, го земал мобилниот и видел дека батеријата е празна а службен мобилен немал. По ова прашал минувач колку е саатот , кога дознал дека е 19,30 веднаш заминал во гевгелиската Болница.
Кога отишол таму, го нашол д-р Зоран Јовановски и го прашал што бара, добил одговор бидејќи не можеле да го најдат д-р Ванчев, него го повикале да биде анестезиолог при породувањето на Кадиева. Но Ванчов рекол дека тој е должен да биде анестезиолог и заминал за сала.
На прашање од неговиот бранител адвокат Милан Трајанов, колку пациенти има воведено во анестезија и дали имал смртен случај дотогаш, докторот кажа дека се помеѓу 9 и 10 илјади за 11 години работа и 4 години специјализација и немал смртен случај дотогаш.
Tweet |