Петар Печков
Објавено: петок, 30 јуни 2017
Градоначалникот на Општина Велес, Чадиев за проблемот со снабдувањето со вода во населеното место Горно Оризари, бара начин за изнаоѓање на решение за што побрзо да се надмине состојбата.
Трајно решение за водоснабдувањето во Горно Оризари ќе се обезбеди со изградбата на новиот цевковод до ова населено место. Вредноста на проектот изнесува околу 14 милиони денари, а истиот се очекува да биде реализиран во наредниот период. До тогаш се разгледуваат повеќе опции како да се надмине ситуацијата. Една можност е да се воведат рестрикции по зони додека не поминат летните месеци. Втората можност е со цистерни да се носи дополна на вода за тамошните жители – стои во писменото известување од градоначалникот Чадиев.
Нас денешниот протест жителите од Горно Оризари реагираа што ниту градоначалникот Чадиев, ниту директорот на ЈКП Дервен Фиданчо Цековски, не биле таму да ја видат ситуацијата во која десетина дена живеат две третини од населението. Немале вода за основните потреби, хигиена, пиење, перење.
И тоа во време на најголемиот муслимански празник Бајрам и во дел од Рамазанските пости. Во Горно Оризари живеат околу три илјади жители. Според нив од 800 семејства 500 до 600, во високите зони и средина на населбата немаат вода десет дена.
Засега немаме цврсти докази, но многу индиции покажуваат дека целиот случај можно е да има политичка позадина и овој проблем да се креира и да се користи за добивање на политички поени и оцрнување на работата на Градоначалникот, Општина Велес и ЈКП дервен. Неколку пати се случило жителите од Горно Оризари да избегнуваат средби и состаноци за да се надмине оваа ситуација, а имаме случаи и кога не биле пуштени луѓето и возилата од ЈКП Дервен да извршат интервенција – додава Чадиев.
Tweet |