Петар Печков
Објавено: петок, 05 ноември 2010
Жирито во состав Виолета Џолева, Васил Зафирчев и Јордан Витанов едногласно реши, меѓу петмината кандидати, ова признание да му го додели на актерот на Драмскиот театар од Скопје. Жирито сметаше дека Јовановски наградата ја заслужува за четири децениското творештво и блескавата актерска кариера, која го вбројува во еден од водечките драмски уметници не само во Македонија, туку и пошироко на Балканскиот регион.
Чест ми е што ја добив оваа награда и многу сум среќен. Со Прличко соработував и се дружев посебно во комедијата ,,Комедијанти,,. По толку минати години Прличко го доживувам како бисер од мозаикот на македонското глумиште. Тој беше автентичен македонски актер , кој живеел во период кога се создавале претстави за еден ден,за една ноќ, но остана чист како дете и голем вљубеник кон професијата, и по толку години минати во театарот со многу жар, љубов и трема доаѓаше да одигра претстава во Драмски. За мене Прличко е ретка и возбудлива личност, пример и патоказ за овие и идните генерации, каква треба да биде посветеноста на авторот кон професијата, која е многу тешка но и благородна – изјави добитникот Мето Јовановски.
За него жирито посочи дека е актер со комплетна и комплексна персоналност, со широк распон и творечки дијапазон, со самопрегорност и висока етичност и професионалност
Кога се говори за Мето Јовановски, тогаш станува збор за драмски уметник со исклучителен талент и сензибилитет, со необично богата и еруптивна актерска природа. Тој подеднакво успешно се изразува во сите домени на театарското творештво, како актер, режисер и автор. За него не постојат тајни во актерската игра, како во театарот, така и на телевизијата и филмот а неговото остварување е синоним за голем занает и талент. Неговите извонредни актерски остварувања имаат антологиско значење, не само кај нас, туку и пошироко и се ценат како блескави творечки дострели од највисок естетски ранг – изјави Васил Зафирчев како претставник на жирито.
Мето Јовановски е петти добитник на ова признание, вредно 30 илјади и златна плакета со ликот на Прличко, кое досега го добија Благоја Чоревски, Благоја Спирковски Џумерко, Емил Рубен и Петар Мирчевски.
Tweet |