речник контакт

Натпросечно топол ноември

Просечната долгогодишна ноемвриска температура во Велес 8,4 степени, што годинава е за неколку степени повисока

Петар Печков

Иако до крајот на месецот има уште десетина дена, според досегашните метеоролошки податоци, овој ноември ќе биде значително потопол од просечното. Mаксималните дневни температури, во Скопје, Велес, Штип, Гевгелија и другите пониски градови се постојано над 15 степени, достигнувајќи често 20-22 степени. Просечните дневни температури пак, се движат помеѓу 10 и 14 степени што е за 3-5 степени над долгогодишните просечни вредности. Со оглед на прогнозите за одредено (но не драстично) намалување на температурите до крајот на месецот, се очекува овој ноември да биде 2-3 степени потопол од вообичаеното. Така, просечната долгогодишна ноемвриска температура во Скопје е 7,1 степени, во Велес 8,4 степени, Гевгелија 9,0 степени, Дојран 10,1 степени и сл. 

Која е причината за вака топлата есен во Македонија, на Балканот па и во Европа? Главна причина се смета дека е индиректниот ефект на феноменот Ел Нињо, кој оваа година услови значително повисока температура на водата во екваторските делови на Тихи Океан. Тоа пак доведе и до одредено пореметување на воздушната циркулација над Европа со поизразени јужни и југозападни струења, посебно над Медитеранот. Не треба да се запостават и другите фактори кои се поврзани со антропогено-предизвиканиот пораст на глобалната температура, топењето на мразниците и пореметувањето на Голфската струја и др. Според реномираните метеоролошко-климатски центри, се очекува крајот на есента и зимата во овој дел на Европа да бидат „невообичаени“ со повисоки температури, чести и нагли временски промени, но и можни значителни врнежи од снег во јануари и февруари. Се очекуваат и појави на зачестено зимско невреме. Oваа година може да уживаме во натпросечно топлата есен, а веројатно и зима.

Автор: д-р Ивица Милевски

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »