речник контакт

Најмногу самоубиства во регионот се забележани во Словенија, Србија и Хрватска

Најмалку самоубиства има во Македонија и Албанија, а БиХ и Црна Гора се во средина на листата

Петар Печков

По самоубиството на амбасадорот на Србија при НАТО Бранислав Милинковиќ, агенцијата Анадолија го истражи бројот на самоубиства во земјите на југоисточна Европа и во други светски земји. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), бројот на самоубиства на светско ниво значително е зголемен во последните децении.

Во регионот на југоисточна Европа, убедливо најголем број на самоубиства е забележан во Србија, земја која е на 13 место во светот според бројот на самоубиства во однос на бројот на жители. СЗО објави дека во Србија годишно на 100.000 жители 18,8 лица вршат самоубиство. Само минатата година во Србија се самоубиле 1.400 лица. Во просек секој ден во Србија четири лица си го одземаат животот, додека бројот на самоубиства на млади лица последните години драстично се зголеми.

По Србија најмногу самоубиства има во Хрватска, каде во просек секој ден се убиваат две лица, а бројот на жените што се самоубиваат во Хрватска двојно е поголем. Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, лани во таа земја 777 лица извршиле самоубиство, а 615 се обиделе да се самоубијат.

Според некои податоци на СЗО, во Босна и Херцеговина годишно на 100.000 жители од нив 11,6 вршат самоубиство, што е под светскиот просек кој изнесува 16, а во Европа 13 самоубиства на 100.000 луѓе. Според информациите кои новинарите на Анадолија ги добија од ентитетските полиции, во БиХ лани самоубиства извршиле 507 лица, од кои 16 малолетници. Во 2011 година се убиле повеќе мажи од жени, додека во Република Српска самоубиства извршиле 230 жени, а во Ф БиХ 163 мажи.

Во Македонија годишно на 100.000 лица од нив 6,8 се самоубиваат. Во таа земја лани биле забележани 140 самоубиства. Според некои истражувања, секој трет ден во Црна Гора се убива едно лице, т.е. 125 лица за една година. Во последните шест години во Црна Гора биле регистрирани 753 самоубиства.

Според последните податоци на СЗО во Албанија годишно на 100.000 жители од нив четворица вршат самоубиство, што е воедно и најмал број на самоубиства во земјите на југоисточна Европа. Од останатите држави од блиското соседство, најголем број самоубиства е забележан во Словенија каде годишно се самоубиваат дури 30,9 на 100.000 лица. Следи Унгарија со 32,1 на 100.000 жители, Словачка со 12,6, Бугарија со 12,3 и Романија со 12 самоубиства на 100.000 жители.

Според бројот на самоубиства во Европа, Литванија е на прво место бидејќи годишно во таа земја во просек се случуваат 42 самоубиства на 100.000 лица. Следат Русија со 37,4, Белорусија со 35, Летонија со 34,3, Естонија со 33,2, Унгарија со 32,1, Словенија со 30,9, Украина со 29,4, Казахстан со 28,7 и Финска со 24,3 самоубиства на 100.000 жители. Гледано на светско ниво, најмногу самоубиства исто така се забележани во Литванија, по која доаѓа Јужна Кореја, Шри Ланка, Русија, Белорусија и Гвајана.

Од друга страна, најниска стапка на самоубиства е забележана во Јордан, Малдиви, Египет, Азербејџан, Ерменија, Јужноафриканската Република и Кувајт. Од европските земји, најмал број на самоубиства е забележан во Ерменија, каде годишно 1,9 на 100.000 лица вршат самоубиство. Исто така, земји во кои е забележан мал број на самоубиства се Грција, Малта и Турција.

Според податоците на СЗО, милион луѓе годишно си ги одзимаат животите, што значи дека секои 40 секунди некое лице во светот се самоубива, а се проценува дека обидите за самоубиство се 20 пати почести.

На самоубиство најчесто се одлучуваат мажите во 60-тите години од животот, иако последните неколку децении е забележан пораст на самоубиства меѓу млади мажи на возраст од 15 до 29 години.

Најмногу самоубиства се случуваат на пролет, а најкритични месеци се април, мај и јуни. Исто така, самоубиствата се многу почести во градовите за разлика од селата. Истражувањата покажуваат дека жените три пати почесто од мажите се обидуваат да се самоубијат. Бројот на самоубиствата во изминатите 60 години се зголеми за околу 60 отсто, а секоја година самоубиство вршат многу повеќе лица од што страдаат во војните.

 текстот е преземен од Анадолија прес

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »