Петар Печков
Објавено: недела, 17 јануари 2016
Еволуцијата на јазиците е како биолошката еволуција - се случува постепено, генерација по генерација, така што не постои очигледен критичен момент меѓу еден јазик и следниот што произлегува од него. Затоа е невозможно да се каже дека еден јазик е навистина постар од кој било друг; сите се стари колку и самото човештво. Така, секој од наведените јазици има нешто посебно - нешто античко – по што се разликува од мноштвото
Хебрејски
Хебрејскиот јазик е чуден случај, бидејќи во суштина е излезен од општа употреба околу 400 година, а потоа остана сочуван како литургиски јазик за Евреите од целиот свет. Сепак, заедно со подемот на ционизмот во 19 и 20 век, хебрејскиот помина низ процес на заживување за да стане официјален јазик на Израел. Иако модерната верзија се разликува од библиската, родените говорители на хебрејскиот можат целосно да разберат што е напишано во Стариот завет и неговите поврзани текстови. Со оглед дека првите говорители на современиот хебрејски јазик често го имале јидиш како мајчин јазик, современиот хебрејски на многу начини е под влијание на овој друг еврејски јазик.
Тамилски
Тамилски, јазикот што го зборуваат околу 78 милиони луѓе и е признат како официјален јазик на Индија, Шри Ланка, Сингапур, е единствениот класичен јазик кој преживеал се' до современиот свет. Тој е припадник на семејството на дравидски јазици, кое опфаќа неколку мајчини јазици главно во јужниот и источниот дел на Индија. Истражувачите открија записи на тамилски кои датираат од третиот век пр.н.е. и оттогаш е во постојана употреба. За разлика од санскрит, друг древен индиски јазик кој излезе од секојдневна употреба околу 600 г. пр.н.е. и стана главно литургиски јазик, тамилскиот продолжи да се развива и сега е 20-тиот најчест јазик во светот.
Литвански
Јазичното семејство на кое припаѓаат повеќето европски јазици е индоевропското, но тие почнале да се разделуваат еден од друг веројатно околу 3500 г. пр.н.е. Тие се развиле во десетици други јазици како германски, италијански и англиски, постепено губејќи ги карактеристиките кои им биле заеднички. Сепак, еден јазик, од групата балтички јазици на индоевропското семејство, задржа повеќе од карактеристиките на она што лингвистите го нарекуваат протоиндоевропски јазик (ПИЕ), што е јазикот за кој претпоставуваат дека се зборувал околу 3500 г. пр.н.е. Од некоја причина, литванскиот сочувал повеќе звучни и граматички правила од ПИЕ од кои било сродни јазици и затоа може да се нарече еден од најстарите јазици во светот.
Фарси
Во случај да не сте слушнале за фарси, тоа е јазикот што се зборува во денешен Иран, Авганистан и Таџикистан, меѓу другите места. Веројатно сте слушнале за персиски и тоа веројатно ги разбудува сликите на духови што излегуваат од шишиња. Тие, всушност, се еден ист јазик под различно име. Фарси е директен потомок на стариот персиски јазик, кој се зборувал во Персиското Царство. Современиот персиски се оформил околу 800 година, а една од работите што го разликува од многу современи јазици е дека оттогаш се сменил релативно малку. Говорителите на персискиот денес можат да најдат парче ракопис од 900 година и да го прочитаат со значително помалку тешкотии отколку што говорител на англиски јазик би можел да го прочита, да речеме, Шекспир.
Исландски
Исландскиот е уште еден индоевропски јазик, овој пат од северногерманската група (само за споредба, англискиот, исто така, е германски јазик, но од западногерманската група). Многу германски јазици се преструктурирале и загубиле некои од карактеристиките кои ги имаат другите индоевропски јазици (веројатно никогаш не сте слушнале за таков случај, на пример, ако не сте студирале латински или словенски јазик), но исландскиот се развил многу поконзервативно и задржал многу од тие карактеристики. Данското владеење со државата од 14 до 20 век, исто така, имало многу мал ефект врз јазикот, така што главно останал непроменет откако нордиските доселеници го донеле таму кога пристигнале во земјата, а исландските говорители лесно можат да прочитаат саги напишани пред векови.
Македонски
Семејството на словенски јазици, кое ги вклучува рускиот, полскиот, чешкиот, хрватскиот... јазик, меѓу другите, е релативно младо, кога станува збор за јазиците. Тие веднаш започнале да се разделуваат од нивниот заеднички предок, општословенскиот (или прасловенскиот), кога Кирил и Методиј го стандардизирале јазикот, создавајќи го она што сега се нарекува старословенски јазик и азбуката за него. Потоа, во деветтиот век тие го однеле јазикот на север, кога заминале за да ги преобратат Словените во христијанство. Тие дошле некаде северно од Грција, веројатно од денешна Македонија и македонскиот јазик (заедно со многу блискиот бугарски јазик) е јазикот што денес најтесно се поврзува со старословенскиот.
(По коментарите во врска со сложените историски односи меѓу Македонија и Бугарија, би сакале да укажеме дека, и покрај комплексноста, актуелниот академски консензус надвор од регионот е дека бугарскиот и јазикот познат како македонски се автономни и имаат одделни дијалектички основи.)
Баскиски
Баскискиот јазик е крајната лингвистичка мистерија. Како мајчин јазик го зборува дел од баскискиот народ кој живее во Шпанија и Франција, но е целосно неповрзан со кој било романски јазик (како што се францускиот и шпанскиот) или кој било друг јазик во светот. Лингвистите низа децении претпоставуваа со кој јазик би можел да биде поврзан, но ниту една од теориите не можеше да се одржи. Единственото нешто што е јасно е дека постоел во таа област пред доаѓањето на романските јазици – односно пред да пристигнат Римјаните со латинскиот јазик, кој подоцна се развил во француски и шпански јазик.
Фински
Финскиот јазик можеби не бил напишан се' до 16 век, но како и секој јазик, има историја која датира многу порано од тоа. Финскиот е член на семејството на угро-фински јазици, кое, исто така, ги опфаќа естонскиот, унгарскиот и неколку помали јазици кои ги говорат малцинските групи низ Сибир. И покрај тоа, финскиот јазик вклучува многу позајмени зборови, кои биле усвоени во финскиот од други јазични семејства низ вековите. Во многу случаи, финскиот ги задржал тие позајмени зборови поблиску до нивната оригинална форма отколку јазикот од кој потекнуваат. На пример, зборот за мајка, „аити“, потекнува од готскиот - кој, се разбира, веќе не се зборува. Зборот за крал, „кунингас“, доаѓа од стариот германски збор „кунингаз“ - кој веќе не постои во ниту еден германски јазик.
Грузиски
Кавкаскиот регион е вистинско жариште за лингвистите. Главните јазици на трите јужни кавкаски земји: Ерменија, Азербејџан и Грузија доаѓаат од три сосема различни јазични семејства - односно индоевропското, турското и јужнокавкаското. Грузискиот е најголем јужнокавкаски јазик и е единствениот кавкаски јазик со древна книжевна традиција. Неговата убава и уникатна азбука, исто така, е многу стара - се смета дека е прифатена од арамејскиот јазик, уште во третиот век по Христа. Иако не се јазичен остров во смисла како баскискиот, постојат само четири јужнокавкаски јазици и сите ги говорат малцинствата во Грузија и не се поврзани со кој било друг јазик во светот.
Ирско-галски
Иако ирско-галскиот јазик како мајчин јазик го зборува само мал дел од ирскиот народ во денешно време, тој има долга историја. Јазикот е член на келтската група на индоевропски јазици и постоел на островите кои сега се Велика Британија и Ирска, долго пред да пристигнат германските влијанија. Ирско-галскиот бил јазикот од кој произлегле шкотско-галскиот и манскиот јазик (се зборувал на островот Ман), но фактот поради кој се наоѓа на овој список е дека ја има најстарата народна литература од кој било јазик во Западна Европа. Додека другите во Европа ги зборувале своите јазици и пишувале на латински, Ирците решиле дека сакаат да пишуваат на својот јазик.
текстот е преземен од theculturetrip.com
Tweet |