Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 јануари 2022
На Велес му требаа хидрантска мрежа во високите делови на градот а во централното градско подрачје надземни хидранти. Ова за да може противпожарната единица да интервенира брзо и ефикасно. Освен еден надземен хидрант кој функционира во центарот на градот, кај нотарските канцеларии, од неодамна се поставени уште два, кај Варналиите и на езеро Младост.
Но тоа не ги задоволува потребите на градот како на левата страна така и во новиот дел на Велес. Градоначалникот Марко Колев, вели дека е запознаен со ваквата состојба по укажувањата на командирот на ТППЕ Љупчо Лепидовски, и најавува дека се работи на решение.
„Има непокриени делови на градот со хидрантска мрежа. Во одредени делови притисокот на вода е многу мал и не може таа да се постави за да функционира. Во наредниот период треба да се работи на поставување на нови водоводни мрежи, па кога тие ќе се сработат ќе има и поголем притисок и ќе може да се постават надземни хидранти. Тоа што се работеше изминатиот период околу водоводната мрежа во центарот на градот, беше наследен проект и мораше да се заврши за да не пропадне и не бевме во можност на нив да поставуваме хидранти“ - кажа градоначалникот Колев.
Во соработка со ТППЕ веќе биле одредени места кадеа е потребно да се постават и други надземни хидранти во централното градско подрачје.
Tweet |