Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 мај 2021
Од годинава, идните првачиња за да се запишат во училиште, освен здравствен и стоматолошки преглед, одат и на очен лекар. Оваа новина која ја воведе Министерството за образование, предизвика реакции кај докторите. Во велешко во следниот период ќе треба да се прегледаат 750 деца, идни основци, што е дополнителна обврска и за матичните и за офталмолозите.
„Со ова се содава нова дополнителна гужва кај матичните доктори, доаѓаат родителите на децата и бараат упат. Досега беше проблем, што поради големиот интерес, децата беа упатувани преку „Мој термин“ па немаше за пациентите со тековни проблеми на видот. Децата од денес ќе може да се прегледуваат кај очен лекар, со приоритетен упат, што како решение се донесе по нашите реакции“ - велат матичните доктори.
Останува дилемата дали секој град во Македонија има и очен лекар, за да може децата, идни основци, да бидат прегледани или родителите ќе мора да патуваат во некој град во соседството. Министерката Царовска објаснува дека ова е законско решение во делот за основното образование.
„Децата се запишуваат и без да го имаат реализирано прегледот, само со упат или закажан термин. Овој преглед кај офталмолог е во интерес кај учениците. Целта е да се направи скрининг кај малите деца, во делот на видот, дали се потребни натамошни интервенции ако детето има некој проблем“ - кажа министерката Царовска, при денешната посета во Велес.
Во Велес, од 26-ти април започнаа систематските прегледи за идните првачиња, деца родени 2015-та година, кои се одвиваат во Здравствен дом. Со систематскиот преглед секое дете се ревакцинира против ситна сипаница, заушки и рубеола, вакцината е од холандско производство. Истовремено се одвиваат и систематските стоматолошки прегледи и залевање на трајните катници на идните првоодделенци.
Tweet |