Петар Печков
Објавено: среда, 21 јули 2021
Невремето кое го зафати велешко минатата година на 8-ми август, направило штета од 4,2 милиони денари, констатирала надлежната Комисија за проценка на штети во Општина Велес. Тој ден неколку часа, повеќе велешки села беа под пороен дожд, дотечени ридски води, големи нанос на камен и тиња.
„Поројниот дожд имаше голема урнувачка сила, при што едно лице беше пријавено за исчезнато, чиј леш лешот беше пронајден после еден месец во водите на реката Вардар. Поднесени се 52 пријави за штети на земјоделски култури и градежни објекти“ - пишува во извештајот на комисијата. Штетата во висина од 70 илјади евра , е за 14 пријави за уништени и пријавени земјоделски култури и 38 за уништени и пријавени градежни објекти.
Овој извештај неодамна го прифати Советот на Општина Велес. Елаборатот за проценета штета од поплавата што зафатија дел од територијата на Општина Велес на 8-ми Август 2020 година е испратен до Генералниот секретаријат на Владата, Републичката комисија за проценка на штети од природни непогоди и други несреќи, Министерството за финансии и Државниот завод за статистика. со предлог за целосно или делумно обесштетување.
Од проценетата штета од 3,687 милиони денари е за земјиште а 520 илјади денари се за градежни објекти. Невремето тогаш го зафати Велес, населбата Превалец, Раштани, Горно Оризари, Бузалково, Сливник, Чолошево, С`лп. Најголеми штети има во Сливник 2,27 милиони денари и во Горно Оризари 1,26 милиони денари. Штета кај земјоделските култури најмногу имало кај тутунот, доматот и пиперот.
Tweet |