Петар Печков
Објавено: четврток, 20 август 2026
Летово зачестија СМС пораките со кои граѓани се предупредуваат да платат казна за сторен сообраќаен прекршок и итно е потребно да се плати поскоро, за да не биде изречена повисока казна. МВР предупредува за ваквите измами, но и натаму има граѓани кои веруваат на лажните СМС пораки и измани. Тие доажаат од странски држави. Таков случај бил регистриран вчера во Неготино, кога на тамошен жител од сметката на сопругата преку која плаќал му биле одземени 27 илјади денари.
„На 19 август во 14:50 часот во ОВР Неготино, 44-годишен неготинец пријавил дека бил измамен за сума од 26.908 денари. Според пријавеното, тој добил порака на телефон за наводно сторен сообраќаен прекршок со детали за начин на уплата на глобата во висина од 920 денари, за која било наведено дека ќе биде наплатена со попуст од 50 проценти и прикажана сума од 460 денари. Пријавителот ги следел инструкциите и со картичката на неговата сопруга ја започнал постапката за уплата, по што му стигнала порака за успешна трансакција, а по кратко добил уште една порака и откако ја проверил сумата што му е повлечена од сметката сфатил дека бил измамен“ - информираше Ана Милевска Ѓеоргиева, портпарол на СВР Велес.
Полицијата предупредува да не се отвораат овие лажни СМС пораки и да не се врши било каква исплата. МВР препорачува секогаш да се проверува адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции користат службени интернет-домени, како и да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на корисничките сметки.
Сите сомнителни пораки треба веднаш да се пријават во надлежните институции или во матичната банка. Од МВР појаснуваат дека автентичните СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, задолжително содржат регистарска ознака на возилото и линк со формат https://safecountry.mvr.gov.mk/…
| Tweet |





