Петар Печков
Објавено: вторник, 24 ноември 2020
И покрај реакциите дека се испорачува мала доза на вакцина против сезонски грип, во петокот попладнето за Велес повторно слободни само стотина термини за вакцинација. Толку вакцини за здравствено ранливите категории изборија матичните доктори од градот. И повторно револт кај пациентите и кај матичните доктори. Три седмици од вакцинацијата во Велес а добиените количини се далеку од потребните, констатираат матичните доктори.
Иако укажавме до Министерството за здравство дека се испорачува мала доза на вакцина за сезонски грип, таа се испорачува „на лажиче“ во мала количина. Во прашање се неколку минути, во петок попладне кога пуштаат слободните термини и да се успее да се обезбеди е прашање на умешност. Досега за три седмици вкупниот број за Велес е триста вакцини. Тоа е премалку, според интересот што годинава владее. Имаме проблеми со пациентите, кои мислат дека ние не им даваме термин, дека криеме, а нивниот револт без причина го искажуваат врз нас - вели матичен доктор од Велес.
Годинава по втор пат се врши бесплатна вакцинација на лица над 65 години, за хронични болни, бремени жени и деца од 6 месеци до 5 години. Лани кога таа се воведе за прв пат, во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес немаше таков интерес, па мали количини од бесплатната вакцина за сезонски грип, останаа неискористени.
Тогаш пациенти се жалеа дека има многу „бирократија„ при оваа вакцинација, со закажување термин, одење кај матичен, па решија да ја искористат вакцината која се плаќаше по 650 денари и таа се потроши за еден ден. Годинава комерцијалната вакцинација се уште не е почната во Велес, а директорката на ЦЈЗ Анастасија Иванова, најави дека ќе ја има најдоцна до првата половина на декември.
Вакцината е француска, четиривалентна, која штити од два типа од грипот „А“ и типот „Б“.Од Министерство за здравство објаснуваат дека има доволно термини и вакцините се достапни до сите граѓани.
Tweet |