Петар Печков
Објавено: четврток, 17 октомври 2019
Вчеравечер во велешкиот Ликовен салон, беше отворена изложба на стрип, дел од делата кои учествуваа на 17-тиот меѓународен стрип салон ,,Велес 2019,. Бидејќи немаше средства за првата награда, двесте евра, таа не се додели, туку само за второ и трето место. На стрип конкурсот пристигнале 175 стрипови од исто толку автори од 41 земја.
Првата награда не се додели, бидејќи не обезбедивме средства, не обезбедивме пари. Аплициравме и до Министерството за култура и до Општина Велес, каде не не` прифатија. Можеби тоа беше причина и што годинава немавме толку многу стрипови на конкурсот, како претходните години, кога ги имаше по 300 и 400 од цел свет - кажа Ване Трајков, претседател на Македонскиот стрип центар со седиште во Велес.
Втората награда на Меѓународниот стрип салон ја поделија Кирси Салонен од Финска и коавторите Џеф Дејер со Владимир Кузманов од САД. Третата награда жирито ја додели на Андромеда Дасар од Албанија, Навид Булбулија и Исмет Ердиќ, двајцата од БиХ.
На изложбата се поставени и стрипови од втората стрип колонија, која летово се одржа во Велес, каде учествуваа 16 автори од пет земји. Најквалитетните дела од стрип конкурсот и стрип колонијата, ќе бидат објавени во ревијата ,,Стрип креатор,,.
Tweet |