Петар Печков
Објавено: среда, 17 февруари 2010
Десетина досега непознати дела на Димитрија Андонов Папрадишки, македонската културна јавност може да ги види премиерно на ретроспективната изложба посветена на 150 годишнината од раѓањето на овој автор. Околу педесетина дела, масла и икони,меѓу нив и непознатите, се претставени на изложба во Ликовниот салон Велес. Семејството на Папрадишки, двата внука од ќерката Душица, се решиле овие дела, масло на платно, за прв пат да и ги покаже на публиката.
- Од за мене непознати причини мајка ми, пред се овие четири големи платна љубоморно ги чувала дома и малкумина, надвор од семејството, ја имале можноста нив да ги видат, едноставно не сакала да ги сподели со јавноста. По нивната смрт, решивме да ги покажеме пред јпубликата, бидејќи сметавме дека треба да се видат и тоа му го должиме на дедо ми - изјави внукот Димитар Мангутов. Иако нивната мајка минала тешки моменти во животот, имала понуди овие дела да ги продаде, тоа таа не го сторила. Станува збор за четири големи дела : Алегорија на сликарството и музиката, Молитва, Мечтаење, Портрет на внукот Вангел, кои предизвикаа голем интерес кај публиката.
Изложбата е подготвувана две години од страна на Националната галерија на Македонија а користени се пет извори за претставување на делото на Папрадишки, три државни институции и две од приватни збирки. Неговиот ангажман во профаното сликарство го издига на пиедастал како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.
- Тој на умешен начин го искористи платното и маслените бои за да забележи за вечноста ликовите на неговите современици и неговите најблиски. На оваа изложба презентирани се дела од досега непознат опус на овој уметник, досега неизложени творби кои придонесуваат за расветлување на процесот на развој на современата македонска уметност – изјави Елизабета Канчевска Милевска министер за култура во Владата на Република Македонија. Димитрие Андонов Папрадишки (1859 -1954) е роден во велешкото село Папрадиштеа умрел во Скопје на 95 годиншна возраст.
Исполнуваjќи го неговиот творечки век со мошне плодна активност во црковното сликарство, има работено во окулу стотина цркви, има насликано над 1200 икони. Тој поради неговите револуционерни идеи за Македонија бил затворен два пати од страна на турската и српската власт.
Tweet |