Петар Печков
Објавено: вторник, 10 април 2012
Македонија ќе ја плати сметката за необработените овчеполски ниви а неработењето на АК ,,Џумајлија,, од Лозово ќе остави сериозни последици по економијата во земјава, посочија вработените на вчерашниот протест. Шест илјади хектари плодна површина сега е необработена, минаа сите рокови тоа да се изора, засее а цехот ќе го платат граѓаните, велат вработените. Освен што е доведена во прашање егзистенцијата на цело Лозово и дел од Овче Поле, ќе нема т пред се житни култури, јачмен и пченица. Ова се случува по бегството на сопственикот Зоран Даневски кој ја напушти Македонија, откако беше осомничен за тешки финансиски дубари со продажба на државните стокови резерви.
Наместо да се зеленее полето, тоа е пустош. Кога ќе се качам на ритчено ми се плаче, кога ќе го видам Овче поле не изорано. После ЗИК Пелагонија, АК Џумајлија беше најголем земјоделски комбинат во земјава. Од нашите површини со жито храневме три града колку Велес со леб годишно. Е сега нека пресмета некој, дека сето тоа треба да се увезе и да се плати. Ваквата состојба на неработење на АК Џумајлија ќе се почувствува со недостаток на жито. Минаа сите рокови за кроење на лозјата. Тоа значи дека следните три-четири години тоа ќе биде неупотребливо, нема да има род. Нека ни ја дадат земјата ќе садиме тутун, така ќе преживуваме – вели Кузман Маџовски вработен од АК Џумајлија од 1969-та година.
Тие денес протестираа на магистралниот пат Велес- Штип, но бидејќи Законот не дозволува да се сопре сообраќајот, тие беа по страна. Но велат дека нивното трпение е при крај и доколку наскоро ништо не се преземе, без оглед на последиците ќе го блокираат патот. Сметаат дека во одредени моменти и државата замижувал пред работењето на сопственикот Зоран Даневски.
Како пример го илустрираат засадувањето на неколку илјади садници вишни на површина од 10-тина хектари, на неплодно земјиште, на рид. Но иако тоа било изведено неквалитетно, надлежните од Агенцијата за поттикнување на земјоделието му одобриле субвенции за вишните, кои никогаш не се зафатиле и сега се неразвиени. Вработените се жалат дека пет месеци се надвор од работните места, до истекот на минатата година биле на 70 отсто а потоа ги немало никаде. Тие побараа средба со надлежните од Министерството за земјоделие и Министерството за труд и социјала.
Бараме да се регулира статусот на вработените, не знаеме дали сме во работен однос или не, бараме исплата на 10-те заостанати плати и исплата на придонесите. Бараме информација од Тутунска Банка за висината на хипотеката и што се е под хипотека, бидејќи ние вработените сме 49 отсто од акционерите во друштвото - рече земјоделскиот инженер Трајче Јовевски.
Засега се во кругот на комбинатот владиниот подарок, 24 јапонски комбајни, десетина трактори и помошна механизација, но стравуваат и тие да не ги снема преку ноќ. Во АК Џумајлија имало 320 вработени а поголем дел се од селото Лозово, додека 500 лица од општина биле сезонски ангажирани. Сега сите тие се дома. Маката на жителите ја знае и градоначалникот Орце Цветковски. Тој ги потврди информациите дека имало заинтересиран купувач од Словенија, но си заминал кога го слушнал долгот.
Словенецот Јоже Фурлан имаше во три наврати средби со директорот на НЛБ Тутунска банка, и со претставници на Владата, вицепремиерот Пешевски и лично со премиерот Груевски. Фурлан заедно со уште две други лица, Французин и Германец, остави во писмена форма гаранција во висина од три милиони евра. Кога требаше да ги уплати парите, тие не легнаа на сметката и зделката пропадна. Најверојатна причина за тоа е огромниот долг на АК Џумајлија, кој се движи помеѓу 12 и 15 милиони евра – изјави градоначалникот Цветковски.
На протестот присуствуваа и лозари, кои не ги добиле парите од предаденото грозје во 2009-та и 2010-та година. Еден од нив Миле Ангеловиќ има побарување од цели 35 илјади евра. Тој сега се наоѓа во безизлезна состојба, да враќа долгови иако на хартија има пари кои не може да ги добие.
За да го одгледам тоа лозје јас во тие две години вложив и позајмив 12 илјади евра. Парите ги враќам а не можам моите да ги наплатам, иако имам судска пресуда извршителите не се во можност да ја реализираат – вели Анѓелковиќ. Тој смета дека оштетени лозари од АК Џумајлија има околу двестотини, но нивните суми се далеку пониски, не повеќе од пет илјади евра.
Вработените во АK „Џумајлија“ потврдуваат дека дел од земјоделското земјиште сопственикот Зоран Даневски го давал под наем на Грци, иако истото било добиено на користење под закуп од страна на Министерството за земјоделие. Иако земјиштето го издавал и собирал рента од Грците, таа не ја плаќал кон државата.
Грците добија од Даневски две илјади хектари земја на која засадија сончоглед. Семето го продаваа за добивање масло за јадење, а културата во период на вегетацијата беше мамка за птиците, па тука доаѓаа ловџии од Грција. Грците донесоа и своја механизација, комплетно работеа и управуваа со земјата - велат вработените од АK „Џумајлија“.Комбинатот не ја платил киријата за 2010 –та и 2011-та година, во вкупна вредност од 10 милиони денари за двете години.
Tweet |