речник контакт

Не сум за Трамп, туку за парите

Младите велешани печалат на интернет портали наменети за американски пазар. На американците им продаваат политика, спорт, црна хроника, забава

Петар Печков

Велешките комјутерџии печалат на американската политика. Бројката на млади велешани кои имаат домени, наменети за американскиот пазар  никој не може да ја прецизира, но затоа кај дел од младите апетитот за брзо печалење е голем.  Едно момче од тие што е во врвот и работи со страница за вести, се претстави  како Дамјан, ги отфрла пишувањата во странските весници, дека тие го поддржуваат  конзервативниот американски кандидат за претседател Трамп.

Каков Трамп, ова е чисто бизнис, ништо повеќе. Каква политика, не ме интересира никој, ме интересира кој носи пари. Започнав истовремено  да  ги следам и демократите, но вестите за нив минеа  слабо, така што ,,мистер гаф,, Трамп  се бара многу – продолжувам и по изборите, се додека има читаност – вели Дамјан.

Објаснува дека  сите тие работат легално,  подлежат на Законите на САД, тој конкретно на Сан Франциско.  Вели дека не само во Велес, овој бизнис цвета и во Куманово и  во Скопје, но се чуди зошто толку се експонира токму неговиот роден град.  

Сите тие, што имаат свои веб страници живеат  од реклама. Колку повеќе читаност, толку повеќе кликнувања на рекламите, толку повеќе пари. Додаваат дека треба и да се даде, вложи за да се добие, ништо не е чиста добивка.   Објавената бројка  од 150 домени која   беше споменувана во  престижниот   лондонски весник ,,Гардијан,,  е малку веројатна, објаснува  друг велешанец, познавач на оваа нова тазе инстант заработувачка.

Колкумина во Велес работат со веб портали, наменети за американскиот  пазар никој не може да знае. За некои е познато во чија сопственост се, за некои името никаде  не фигурира. Така што не може да зборуваме за приближна бројка, но затоа факт е дека  има голем интерес.  Според  моите сознанија во градот ги има повеќе од 250 до 300 домени за ваква намена. Треба да се знае дека  само тие што први започнаа имаат добра добивка, печалба. Тоа е како врв од пирамида. Тие што се горе го собраа кајмакот,  останатите трошките.  За тие што сега се запалија за овој бизнис, веќе е доцна, возот одамна е заминат, доцна е да се вклучат. Некои  пробаа и бргу го напуштија – вели вработен во ИТ технологија, кој  ги познава работите во градот, а сакаше да го именуваме како Давор.  

Според  него  првиот веб портал, со политички содржини  од Велес,  наменети за странскиот пазар бил регистриран во ноември минатата година. Потоа до крајот на 2015-та уште неколку, за  од март – април како   печурки по дожд почнат да  се појавуваат десетици и десетици.     

Во Велес само десетина  и тоа првите, кои започнаа да работат,  може да се каже дека добро  финансиски стојат. Пласираните вести  не се авторски, туку превземени од неколку извори, со цитат од каде, се припојуваат во една и веста е готова. Работат 24/7,  пишуваат по 15 до 20 вести дневно. Но не само политика, има спорт, забава, црна хроника. Имаат свои ФБ профили со по 200 до 400 илјади лица  кои ги следат. Нивните се невидливи за Македонија, веб  страната исто така – додава Давор.  

Не сакајќи да открива кои се  луѓето кои во работат во градот,   вели дека млад адвокат прв започнал со политички сајт, додека други две лица започнале со страница за здрава  храна а тие работеле подолг период.  И додека  сепак комјутерџиите добро заработуваат, но во пракса се покажуваат како штедливи. Пример за тоа раскажуваат соседите од зграда во центарот  на Велес.  

Од април до  август, во стан под кирија дојдоа по двајца млади потстанари. Со компјутерите под рака, ништо друго. Велат дека многу се заработувало. Овие како дојдоа така замина. Првите беа два месеци, вторите исто толку, ама ниту чистачката ја платија, ниту за струја за ходникот, но коли купија  – вели комшивка.                                                                                               

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »