Петар Печков
Објавено: сабота, 25 јули 2026
Органодарителството е највисок степен на хуманост, на човекова вредност, на болниот му се спасува живот, му се дава иднина. Ова беше кажано на осмата трибина одржана во Велес, на средба со граѓаните. На неа учествуваа 15 говорници, кои зборуваа зошто треба да се дарува орган.
„Секој од нас е потенцијален пациент. Не треба да мислиме себично, да се ставиме од другата страна. Мој апел е бидете хумани, потпишете се кај вашиот матичен лекар за донор, да не ја оставате одговорноста кај вашите блиски во најтешките моменти да одлучуваат. Без црниот дроб не може ниту еден човек да функционира, тој е најголемата лабораторија во нашиот организам. Црниот дроб се регенерира. Имаме случај, мајката донираше на ќерката, сега и синот има потреба од орган, таткото не може да донира. И сега бараме, чекаме донор“ – рече проф. др. Соња Бојаџиева педијатар гастроентерохепатолог, која порача дека сите имаме општествена одговорност да си помогнеме.
Таа потсети дека се до 2012 година секој граѓанин бил автоматски донор, а доколку не се согласувал требало написмено тоа да го каже, но потоа некаде низ законските промени се доаѓа во обратна ситуација, за да бидеш донор мора да потпишеш.
„Изминатиот викенд имавме трансплантација, откако семејството на починатиот донор се согласи и спасени се два животи. Се уште стапката на согласност е ниска. Најсилни се пораките упатени од пациентите и нивните семејства. Само 2 до 5 отсто од лицата кои потпишале за донори, можат нивните органи да се искористат и тоа исклучиво по мозочна смрт, која е дефинирана законски“– кажа д-р Билјана Кузмановска анестезиолог и национален координатор за трансплантација.
Низ вакви директни средби со граѓаните, лекари специјалисти ги споделуваат нивните искуства и потребата за донирање на органи. За една година подигање на јавната свест преку трибини, јавни дебати, настапи, не може да се каже дека органодарителството е прифатено.
Д-р Галена Северова нефролог за прв пат во јавноста раскажа настан од 2014 година, кога се работело за живот на две млади момчиња, браќа од Куманово.
„Имаа наследна болест на бубрезите. Мајката им го пренела тоа, но и таа подоцна заболува. Таткото беше исто така пациент со нефрлошко заболување или родителите не можеа да бидат донори. Имавме починат донор, кој како да беше роднина со децата, толку се поклопуваа податоците. На состанокот пред операцијата, еден од колегите постави едно високо морално прашање, што ако не успее зафатот, ако се случи нешто лошо. Не можевме да им помогнеме на друг начин, етичко прашање беше сега или никогаш потоа. За среќа се се заврши најдобро, успешен беше зафатот. Потоа двајцата се оженија, оформија семејства. Ја помнам ситуацијата кога на мајката и кажавме седете тука а ние десетина часа опериравме, таа чекаше. Ова го помнам цел мој живот, имам огромна почит кон секој дарител, не постои нешто похумано од тоа да се спаси живот.“ – раскажа Северова.
Промените на законот, со кој секој пациент ќе треба да се изјасни дали се согласува да биде донор, треба да стапат на сила на почетокот на октомври а аобврската ќе ја реализираат матичните доктори.
„Бев донор на моето шестмесечно дете, не како херојски чин туку како родител. Сакав да дадам, тоа денес да го има цел свет пред него, кога ја гледам како расте ми дава енергија, сила, живот. Сите тие кои чекаат орган се со надеж за повик, нивните деца да бидат спасени. Со дарувањето давате иднина. Но не секој ја има таа среќа да добие орган“ – рече Ице Гиовски донор на дел од црн дроб за неговата ќерка.
На трибината се обратија и претставници на МПЦ –ОА и ИВЗ кои ги кажаа ставовите на православната и муслиманската верска заедница дека го поддржуваат органодарителството. Но посочија, беа со ист став, дека тоа не треба да стане бизнис за пари.
| Tweet |





