Петар Печков
Објавено: четврток, 15 мај 2014
Младиот Емит Асанов храбро влегол во куќата од сосетката која била во пламен, за да ја спаси Џева Османи . Но и покрај неговите обиди, при што го довел во опасност и сопствениот живот, не успеал. Кровот паднал а со тоа и надежите дека ќе биде извлечена од куќата зафатена со оган.
Ваква драма се случуваше во Велес во средата попладнето на улица Благој Каракостев бр.155 на периферијата од градот. Од изгорената куќа се ширеше лоша миризба од огнот кој одзеде еден живот. Во пожарот животот го загуби Џева Османи (56 год) која била сама дома и неподвижна.
Се гледаше чад, дим дека доаѓа од комшиите и истрчавме да видаме што се случува. Кога дојдов ја гледам куќата на сосетката во пламен. Не размислував и втрчав внатре да ја спасам тетка Џева . Од многу густиот чад внатре ништо не се гледаше, ниту слушав глас некој да викне помош, да му е тешко. Некако ја здогледав како лежи на подот, земав ќебе да ја гасам, да ја покријам оти огнот веќе ја бил зафатил главата. Но не можеше, па ја фатив за душекот каде лежеше, да ја влечам. Многу беше тешка не биваше да ја извлечам. Огнот почна посилно да гори, не можев да дишам и истрчав од собата. По ова падна кровот и толку, не можев да влезам повеќе. Многу лоша смрт, жално – вели Емит Асанов (21 год) кој храбро и смело влетал во куќата да ја спаси сосетката.
Комшиите бргу се организирале па со вода од градскиот водовод започнале да ја гасат куќата. Бидејќи таа е на тешко пристапно место, на периферијата од градот, работата на пожарникарите била отежната и не можеле да ги користат возилата. Кога дошле лекарите на Итната помош констатирале дека Османи е почината. Во моментот кога пожарот избувнал Џева била сама дома, сопругот и синот биле излезени. Тие не знаат што можело да го предизвика огнот, оти струја немале две години, толку време била исклучена.
Кога ни јавија дека куќата гори најбргу што можевме дотрчавме, ама за Џева немаше спас. Ни отиде жената а не можевме да ја спасиме. Таа беше неподвижна, лежеше дома Дошле момчиња од комшиите, Емит влегол внатре ама многу јак огин било, и он ќе изгорел и немало спас. Така останавме без жена, без куќа, кров и капа, се што имавме отиде неврат -вели Џафер Аасанов (60 год).
Тој е невработен како и сите во семејството, социјалната помош им била укината седум години па се снаоѓаат со надничарење. Има два сина едниот е в затвор и ќерка мажена во Кавадарци. По овој пожар тој со синот Ердоган сега се под отворено небо, немаат дом, немаат куќа ниту покуќнина. Се што имаа во трошната куќарка на крајот од градот огнот изгоре.
Првата ноќ ја минале кај соседите. За натаму не знаат како ќе биде и што ќе прават. Немаат ниту облека што да носат. Екипи на СВР Велес и Јавното обвинителство беа на местото на настанот и истрагата ќе покаже кои биле причините за пожарот кој зема и еден живот.
Пред двеипол години во соседството на истата улица Богдан Караксотев број 193 изгоре неподвижна жена Кафает Асанова.
Tweet |