Никола Солев
Објавено: сабота, 25 февруари 2006
Инфективната клиника не знае дали и колку луѓе заразил нигерискиот фудбалер Еје Абдулрашид Адамс, кој пред неколку дена умре од СИДА во болницата. Директорот Звонко Миленковиќ само потврди дека 24-годишниот Нигериец боледувал подолго време, а болеста во Македонија ја донел од надвор. Засега се знае и дека имал љубовна врска со скопјанка. „Активирани се сите служби со кои Клиниката за инфективни болести комуницира. Тоа се и епидемиолошки служби кои постојано ги следат сите можни контакти во периодот во кој што бил непосредно пред заболувањето“, изјави Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести. Иако нигерискиот фудбалер во Македонија престојувал неколку години, ниту еден од трите клубови за кои играл не открил дека тој е носител на заразната болест. Спортска медицина на секои шест месеци врши прегледи само на физичката подготвеност на спортистите. Нивното ХИВ тестирање не е задолжително, а евентуална зараза може да спречат само судиите, кои повредените треба да ги отстранат од теренот. Домашните спортски клубови не бараат ниту здравствените сертификати на спортистите кои доаѓаат од надвор да содржат тест за ХИВ/СИДА. Но, на нигерискиот фудбалер тоа му го побарале кога требал да замине да игра во Албанија. Така и открил дека е заболен. „Веројатно ќе мора да размислиме дали во иднина не треба да се превземе некој друг чекор што на некој начин би ја зголемил превентивата“, рече Илија Стоилов, доктор по спортска медицина. Во Фудбалската федерација засега немаат став дали во иднина ќе бар?ат спортистите да вршат и тестови за ХИВ/СИДА. Нигериските власти се уште го немаат побарано телото на фудбалерот, а тој не е единствениот странец кој починал од СИДА кај нас. Само од почетокот на годината во Македонија се регистрирани четири нови случаи на болеста. Досега се заразиле и заболеле 79 луѓе, од кои 51 починале. Извор: [url=www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=58965]A1[/url]
Tweet |