Петар Печков
Објавено: вторник, 28 април 2026
Изградбата на нов мост на реката Вардар кај Башино Cело, непосредно до постојниот, е во постапка на изработка на проект а асфалтирањето и промената на оградата на постојниот е во фаза на испитување на можностите за целосно завршување на санацијата.
Ова се одговорите од ЈП за државни патишта (ЈПДП), на прашањата за санацијата на постојниот и изградба на нов, кои беа најавени на почетокот на јули лани.
„По проектот за изградба на нов мост тече фазата на изработка на проектот. Во проектната програма се дефинирани фазите и потребно е да се завршат сите фази дефинирани во неа. Процесот на проектирање е долг процес, а изработката на основниот проект подлежи на процес на ревизија и одобрување на проектот. Откако овој процес ќе биде целосно завршен, ќе се пристапи кон започнување на активностите за изградба“ – информираа од ЈП ДП.
Лани при предавањето на употреба на санираниот мост кај Башино село, директорот на ЈП ДП Коце Трајановски најави дека во тек била постапка за нов мост, кој ќе биде подолу од сегашниот. За есента што измина беше најавено дека ќе се бара изведувач, проект имало избрано а мостот ќе бил технологија каква немало досега во Македонија.
За реконструираниот постоечки мост, тогаш беше речено исто така од Трајановски, дека до крајот на годината ќе се изврши асфалтирање и уредување на горниот дел од мостот, поставување нова ограда. Десет месеци потоа, мостот не е асфалтиран, ниту има нова ограда, ниту е уредена пешачката патека.
„Поправката на горниот строј на сегашниот мост Башино Село е во фаза кога се испитуваат можностите за негова санација. Поставувањето на нова плоча, изолација и асфалтен слој не смеат да ја нарушат носивоста на мостот. Тоа е дилема која ја предизвикува неговата статичка можност. Од таа причина во консултации сме со Градежниот факултет, од каде очекуваме насоки и откако ќе добиеме детални насоки и препораки, ќе пристапиме кон донесување одлука за идните чекори за можно санирање на мостот. Ова од причини што не смееме да дозволиме дополнително оптоварување на конструкцијата на мостот и со тоа повторно да ја загрозиме безбедноста на учесниците во сообраќајот кои секојдневно гравитираат во овој дел на градот и го поминуваат мостот“ – пишува во одговорот на ЈПДП.
Санацијата на долниот дел на мостот кај Башино Село, која треба да го продолжи неговиот век на користење за 5-10 години чинеше 320 илјади евра. Мостот кој е изграден од ЈНА 1972 година, како времен е армирано бетонски –полуманотажен, беше во лоша состојба и беше затворен за сообраќај од 3 јануари до 8 јули лани.
Во тој период товарниот сообраќај кон индустриските зони во градот и кон регионот на Азот каде има каменоломи и сеча на шума, беше пренасочен низ Велес. По реакциите на јавноста во градот, мостот со времен режим на сообраќај, наизменичко пуштaње по една коловозна лента, беше отворен на 30 јануари до 8 јули. За половина година беше саниран. Низ годините водата од реката ги оштетила гредите и столбовите.
Со санацијата гредите се армираа и беа засилени а столбовите заштитени со карбонска мрежа. Тие имаат челична конструкција која ги врза едни со други, со што се добила поцврста конструкција. Половина од 170 гредни носачи беа санирани оти беа во катастрофална состојба.
| Tweet |




