Петар Печков
Објавено: вторник, 27 септември 2016
Локалната власт започна со распределба на нова количина на стандардизирани канти за смет. Во наредните денови на 15-тина улици во градот, ќе се поделат 1.100 зелени канти за отпад од 120 литри како и 800 жолти. Тие бесплатно ќе ги добијат исто толку семејства, кои ќе треба да приложат сметка од платена вода за доказ дека се редовни плаќачи но и жители на тој дел на градот и односната адреса. Денес се делеа на жителите околу јаворот кај Градскиот саат.
Овие канти за смет ги делиме секоја година на различни делови од градот. Целта е за три години секое домаќинство во Велес има сопствена канта. Делиме и на семејствата кои лани добија зелени канти, годинава жолти за селекција на отпадот. Така се надевам дека нема да се фрлаат кеси и смет надвор, во денови кои на се прибира од улицата каде станарите живеат. Апелирам до домаќините да ги користат совесно и одговорно, но и да го почитуваат терминот за изнесување на сметот – изјави Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес, кој денес присуствуваше на поделбата на дел од кантите за отпад.
1.100 канти за комунален отпад со зелена боја се за жителите и трговските објекти од улиците: Васил Главинов, Гемиџиска, Мицко Козар, Љубен Весов, Кочо Рацин, Васа Кошулчева, Панко Брашнар, АСНОМ, Крсте Мисирков, Тодор Христов Офицерчето, Христо Узунов, Васил Ѓоргов, Кузман Јосифовски Питу и Димитар Влахов. Нив ги дистрибуира ЈКП Дервен.
Се делат и 800 жолти канти за отпад од пакување за домаќинствата и трговските објекти кои изминатата година добија зелени канти и така ги започнат постапките на селекција на отпадот во своите домови. Тие се платени со средства обезбедени од Општинскиот Буџет.
Во текот на акцијата, на граѓаните заедно со кантите за отпад им се делат информативни летоци - Упатство за користење на кантите за комунален отпад и Упатство за користење на кантите за селектиран отпад, преку кои граѓаните се информираат за начинот на постапување со садовите, нивните права и должности во постапувањето со отпадот кој го создаваат.
Оваа активност се спроведува трета година по ред и во неа заклучно со 2016г. се опфатени 2.180 правни и физички лица. Истовремено, набавени се 10 садови за батерии кои се распределени во шесте клона на детската градинка Димче Мирчев, ЈКП Дервен, Општа болница Велес, Поликлиника УРЕД.
Од Општина Велес објаснуваат дека интензивно работат за подигнување на стандардите за управување со отпадот, но ова е процес кој бара време.
Истовремено додека надлежните им велеа кантите да не ги користат за чување зелка, минувајќи додека се делеа овие канти за смет, постар велешанец , по најавата дека и тој ќе добие, констатираше дела за неговото семејство таа е неупотреблива.
Живеам на улица каде трактор не може да мине. Во кантата ќе го собирам сметот, но каде да ја оставам за да се испразни. Тоа е проблем – им порача старецот на присутните претставници од локалната власт и ЈКП Дервен.
Tweet |