Петар Печков
Објавено: вторник, 06 септември 2016
Изминатите денови велешани беа сведоци на нова сеча на дрвја во градот, на јавните површини. Во должина на битолска пруга, од железничка до комплекс УЗУС исечени се стотина дрвја, најмногу кралчичиња.
Ова се повторува често, таман ќе израснат дрвјата, се сечат. Најчесто тоа го прават Македонски Железници. Сечат ама не помнам дека засадиле нешто – велат станарите кои живеат во близина на пругата. Последен пат ваква сеча имаше во јули 2014-та, сега во август, годинава. Од МЖ информираат дека ова го работат превентивно,з а заштита на возовите.
Старите и деградирани дрвја често паѓаат врз возовите, кршат стакла, повредуваат патници поради што сме обврзани да ги сечеме. За ова имаме дозвола и од Македонски шуми и од Шумската полиција. Згора на тоа земјата до 50 метри близу пругата е сопственост на железница, така што сите правни услови се почитувани за оваа сеча – велат од МЖ. Викендот пак беа исечени дрвја на ул. 11-ти Октомври. Таму работеа екипи на ЈКП Дервен.
На барање и пријава од страна на Сектор Водовод за потреба од отстранување на неколку неплански засадени дрвја на ул. 11 Октомври -кајсија, липа и орев, чии корени веќе два пати предизвикуваат дефект на водоводна линија, по службена должност, а согласно Одлуката за комунален ред донесена од страна на Советот на Општина Велес, Комисијата за проценка на деградирани дрвја излезе на лице место. Таа утврди дека на јавна зелена површина на ул. 11 Октомври се наоѓаат три листопадни дрвја, кои се диво израснати, а воедно непланирани и ненасадени од страна на ЈКП Дервен и чии корени прават оштетување на водоводната линија која се наоѓа под корените на истите. Неопходно и итно беше да се изврши сечење на дрвјата и отстранување на корените - изјавија од ЈКП Дервен.
Tweet |