Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 октомври 2019
Во медиотеката на Градската библиотека, беа промовирани четири нови книги адаптирани на Брајово писмо. Тие се издание на Здружението на слепите лица од Велес, и се дел од библиотеката ,,Ратко Пајдаков,,.
Читателската публика може да ги прочита ,,Коста е наш,, од Сашко Насев, ,,Волшебното самарче,, од Ванчо Николески, ,,Алиса во земјата на чудата,, Луис Керол и ,,Вујко Вања,, од Антон Чехов. Изборот е во соработка со училиштето за слепи лица од Скопје, единствено во земјава.
Две од книгите се за повозрасната публика, две книги се детска литература која е лектира, така што сакаме да ги задоволиме вкусовите на нашите читатели. Досега искуството покажува дека добро функционира нашата библиотека, членовите ги читаат со обврска да ги вратат, се дистрибуираат низ цела земја. Не радува што секогаш книгите не се на број, значи се читаат - изјави Тони Пајдаков, секретар на Здружението на слепи лица од Велес.
Со оваа промоција се одбележува 15-ти октомври Светскиот ден на белиот стап, симбол на слепите лица. Со новите четири изданија, библиотеката има вкупно 38 книги на Брајово писмо. Издавањето на овие книги е со средства од Општина Велес. Дел од книгите завршува во Градската библиотека ,,Гоце Делчев,, во Брајовото катче.
Задоволен сум колку овие книги се читаат и бараат, но би бил уште повеќе, кога читателската публика би се обраќала директно до нас, а не преку Сојузот за нивно изнајмување, бидејќи зградата на Библиотеката е пристапна за овие лица - кажа Игор Крајчев, директор на велешката библиотека.
Од Здружението на слепите лица од Велес најавија дека наскоро ќе издадат четири нови аудио книги. Тие се поставени на веб страницата на Националниот сојуз на слепи лица, која е единствена аудио библиотека со околу 400 аудио наслови, кој може бесплатно да ги слуша секој поединец. Неделно се преслушувале шест илјади пати, од лица не само од Македонија, туку од цел свет.
Tweet |