Петар Печков
Објавено: понеделник, 06 декември 2010
Седумстотини селани се дома а за поголем дел од нив е уништен раноградинарскиот род кој требаше да стаса за новогодишните и Божикни празници. За поврзување на жителите на Ногаевци се работи на пробивање на земјен пат кон селото Кочилари. Од двете страни треба да се пробие пат во должина од шест километри.
Со расположливата селска механизација и таа од млекарницата ,,Милком,, работиме на пробивање на пат. Тешко оди, но мора да се работи. На училиште не отидоа триесетина деца во основното училиште во Градско и десетина средношколци за Велес. Добро е што засега никој не побарал лекарска помош – вели жител на Ногаевци.
Во селото е заробена и млекарницата ,,Милком,, чие производство не може да стигне на пазарот, ниту сточарите од регионот да го предат млекото на преработка. Од спротивната страна, од Кочилари механизацијата ангажирана од локалната власт на општина Градско работи на пробивање на пат. Според градоначалникот на Градско тој оптимистички најавува дека за една седмица ќе бидат поврзани двете села, додека градежните стручњаци сметаат дека ќе бидат потребни десетина дена, со оглед на конфигурацијата на теренот.
Малку требаше да дојде до трагедија, бидејќи механизацијата ги отстрануваше закачените стебла на мостот кога тој почна да попушта па мораа итно да се повлечат. Работиме засилено на оспособување на земјен пат, кој треба и да се тампонира и очекувам дека за 5-6 дена тој ќе биде пробиен – изјави Григур Коцев градоначалник на Градско.
Поради нестабилност мостот на Вардар кај селото Уланци беше забранет за сообраќај 24 часа. Тој во овој период сериозно се нишал и секој момент можел да попушти, но среќна околност е што до тоа не дошло. Поради ова четиристотини жители беа исто толку време отсечени од светот. Вчера попладне (понеделник) мостот го користеа само похрабрите пешаци, чекајќи нивото на Вардар да се спушти за да можат слободно да минат преку него.
Од овој крај велешко се снабдуваше со рано градинарски производи кои од излевањето на реката се уништени. Тоа ќе се одрази на понудата за претстојните празници. Земјата беше изорана за пролетна сеидба, но и таа е под вода. Има големи штети, колку пластеници и фолии уништени – вели жител на селото Уланци кој се охрабрил и дошол во Градско. Реките Тополка и Бабуна поплавија обработлива површина во општина Чашка а селото Долно Врановци е отсечено бидејќи патот кој води до него е под вода
Tweet |