Петар Печков
Објавено: петок, 16 ноември 2012
Рекордни 281 војник доброволец дадоа заклетва во велешката касарна. Тие се седумнаесеттата генерација македонски доброволци кој на овој начин го служат воениот рок. Меѓу нив има и 20 девојки, што исто така досега е највисоката бројка.
Ова е голем ден за мене и сите мои колеги, бидејќи свечено се заколнавме и станавме војници на АРМ. Имав од мала, голема желба да носам униформа. Тоа е за мене големо задоволство, обврска но добивка од бенефициите што таа ги носи - рече војник Александра Јанева од Скопје, која има 23 години.
Таа е дипломиран новинар и по завршувањето на факултетот решила три месеци од нејзиниот живот да ги помине во армијата. Задоволна е што има освен неа и други дваесетина девојки, со кој се дружи, разменува мислења искуства, наоѓа нови пријателства. Таа заедно со нејзините колешки вели дека имаат еднаков третман, како и машките колеги и не добиваат никакви попусти. Пред да ја дадат заклетвата две седмици се прилагодуваа на војничкиот живот, станување рано наутро во шест, легнување во 10.
Нов режим и на исхрана во војнички ресторан. Изменета е структурата на војниците кои дојдоа да служат доброволно војска, поголем дел до нив се при крај со факултетското образование и се решиле дел од нивниот живот да и посветат на татковината. Бројките пак покажуваат освен што се менува структурата на доброволците, во однос на образованието, се зголемува и интересот за служење војска. Тие освен во касарната дел од својата обука ќе ја изведат и на полигонот Криволак. Меѓу новаците беше и скопјанецот Јакупи која во семејната лоза има три генерации лица во униформа. Тој ја продолжува.
Ја сакам армијата, ја сакам униформата. Мојот татко, мојот дедо беа лица кои работеа во униформа и тоа уште од мал води корен мојата желба еден ден да служам војска. Одлично сме прифатени од старешините во касаната, уште подобро соработуваме со другите војници. Нема разлика по националност, вера, јазик. Служењето војска го гледам како можност и јас еден ден да ја продолжам таа семејна традиција да бидам подофицер, па офицер и така да напредувам во кариерата – рече Ваљон Јакупи дваесет годишен скопјанец. Нему дојдоа да му честитаа целата фамилија. Најсреќни беа неговите родители, таткото и мајката.
Нив прв овој чин им честиташе министерот за добрана Фатмир Бесими и началникот на генералштабот на АРМ генерал мајор Горанчо Котески.
Посебно ме радува фактот дека оваа класа е најбројна, па дури и двојно побројна во споредба со некои претходни. На овој начин се потврдува довербата која граѓаните ја имаат во АРМ. Република Македонија беше прва во регионот на Југоисточна Европа која постигна целосна професионализација на АРМ. Тоа е најголемиот реформски проект на националната одбрана и претставува основа на целокупниот процес на модернизација на Армијата и интеграција кон Евроатлантската заедница. Наша задача е исто така да работиме на подобрување на стандардот и имиџот на воените лица, војникот, подофицерот, офицерот, соодветно со имиџот кој со години го гради АРМ. Тука го имате моето ветување - рече министерот Фатмир Бесими.
Тој на новите војници честитката им ја упати на македонски, албански, турски, српски, ромски и влашки јазик. Изменета е структурата на војниците кои доаѓаат да служат доброволно војска, поголем дел до нив се при крај со факултетското образование а се зголемува и интересот за служење војска. Од генерација во генерација таа бројка е се поголема.
На Република Македонија и е потребна база на млади сили кои ќе бидат оспособени не само да ја бранат со пушка ако затреба, туку исто така и се потребни оспособени и обучени бојници кои знаат како да постапат при природни катастрофи и други асиметрични закани својствени на денешниот свет – порача генерал мајор Горанчо Котески началник на Генералштабот на АРМ.
Tweet |