Петар Печков
Објавено: четврток, 04 јуни 2020
ОЈО Велес во периодот од 29 мај до денес, 4-ти јуни, поднело до Основен суд Велес, седум предлози за издавање казнени налози против исто толку обвинети кои не го почитувале полицискиот час. Тие не ја почитувале Одлуката на Владата со која се забранува движење на населението на територијата на државата, во одредени временски периоди.
Обвинетите биле затекнати како се движат на различни локации во часовите кога тоа е забрането. Заради стореното кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ предложи да им се изречат парични казни во висина од по 40 дневни глоби, секоја глоба во износ од по 20 евра во денарска противвредност односно по вкупно 800 евра во денарска противвредност - пишува во информацијата на ОЈО Велес.
Од СВР Велес информираа дека во текот на изминатите 24 часа за непочитување на Уредбата за носење на лична заштита казнети се, 47 лица во Велес. За нив паричната казна е 20 евра.
Во период 03/04.06.2020 год. има три нови регистрирани лица со Решениe за изолација во Велес, а со Изјава за самоизолација има, едно во Велес. Вкупно со Решение во изолација има 85 лица во Велес, а со Изјава за самоизолација има четири во Велес. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, при што, сите ги почитувале овие мерки - информираше Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.
Tweet |