речник контакт

Обвинетите за разбојништвото се мислат дали да го признаат делото целосно или не

Делумното признание на обвинетите за вооружениот грабеж на автомобил со пари од Стопанска Банка АД Скопје го одложи судскиот процес, кој започна во Основен суд Велес

Петар Печков

Двајцата обвинети скопјаните Кемал Ахмети ( 26 год) и Агим Коруни (20 год) пред судскиот совет од Основен суд Велес, признаа дека го извршиле разбојништвото, но постапката закочи  за второто дело ,,недозволено  држење  на огнено оружје,,    за кое се товари Ахмети. Тој тврди дека користел пиштол плашливец, не огнено оружје, како што стои  во обвинението. 

Јас употребував пиштол плашливец кој беше пронајден и во куќата каде се криевме, кога бегавме, откако ги земавме парите. Но од каде е овој пиштол кој подоцна во полициска станица ни беше кажан дека е наш, не знам. На него нема ниту мои отисоци, јас не го  користев – рече Ахмети.  

Соучесникот во разбојништвото  Агим Коруни, го прифати делото, со тоа што тврдеше дека задното стакло на автомобилот кого го опљачкале,  не го скршил со рачка од  пиштол, туку   со  ,,боксирач,,.   Ваквите признанија не ги прифати  обвинителката Силвија Ивановска која бараше обвинетите дека треба во целост да го прифатат обвинението и дека делото е извршено со огнено  оружје, со кое се заканиле по животот на двајцата обезбедувачи.

По ова прво обвинетиот  Ахемти беше во дилема   дали да  го признае делото како   што е во  обвинението, иако според него не го сторил така или да се соочи  со висока казна , како што самиот тој  си пресметал.  Поради ваквите дилеми, судијката им даде дополнителен рок на двајцата обвинети и судењето за закажа за почетокот на ноември.  

Вооружениот грабеж на автомобил  на  фирмата за обезбедување ,,Перпетум мобиле,, од Скопје, кој пренесувал пари на Стопанска Банка – АД Скопје, се случи на 8-ми февруари годинава близу Пензионерскиот дом во Велес. Двајцата обвинети го сочекале на пешачки премин и  со закана по живот, со пиштол го сопреле возилото и од него однеле 4 милиони денари.  

Според обвинението организатор на разбојништвото е  Дритон Сулејмани, кој е во бегство и  по него се трага. Тој ги подучил  обвинетите како да се дојде до парите, бил на местото пред Стопанска банка кога автомобилот тргнал, им се јавил  на мобилен  на извршителите им кажал каде да чекаат, како да го сторат делото и каде да бегаат.    

Ахмети и Коруни сториле како што било договорено,  побегнале кон Градскиот парк и од таму со  комбе заминале. Но се случил пех, моторот  на возилото сопрел  па тие се сокриле во напуштена куќа во Градскиот парк во Велес, каде ги пронашла полицијата, заедно со  парите кои останале во автомобилот. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »