Петар Печков
Објавено: среда, 25 октомври 2023
Ново асфалтираниот регионален пат од крстосницата кај Башино село до езеро Младост, дел од регионалниот пат Велес - Катланово, предизвика лавини реакции кај велешани.
Некои од нив ги поставија како прашање и советниците до градоначалникот на Велес, Марко Колев, кој кажа дека тоа е инвестиција на ЈП Државни патишта, па општината нема одговорност во однос на градежните зафати. Сопствениците на возила кои ја минуваат оваа делница жестоко реагираат на широчината на патот.
„Патот е скратен во широчина, една беше димензијата пред реконструкција, сега е друга. Две возила не можат да се разминат, а не за автобус или камион, кои тука често сообраќаат, бидејќи е регионален. Кој ќе сноси одговорност ако се случи сообраќајна незгода, а со оглед на фреквенцијата на сообраќајот која се одвива секојдневно. Дури и поставените столпчиња на маргините не дозволуваат возилото да оди во десно, да се разминеш со тие што доаѓаат од спротивен правец “ - се коментарите на возачите.
Членот на Советот на Општина Велес, Игор Смилев дури изврши и мерење на широчината на патот,за да документира дека изнесува 4,50 -4,60 цм. наспроти потребните 5,50 м.
Од ЈП за државни патишта ги отфрлаат тврдењата дека патот е скратен по широчина. Тие информираат дека коловозот на таа делница е со променлива ширина која била до 6 метри и е во согласност со теренските услови, како и со проектната документација, но и со Законот за јавни патишта кој препознавал само категорија „регионален пат од прва категорија и регионален пат од втора категорија“ член 4, точка 8 и 9.
„На делови од трасата, широчината на патот е дефинирана од постојните елементи и објекти на патот -тротоари, паркинзи, хотели но на поголемиот дел од трасата широчината на коловозот е 5 или повеќе од 5м. Исто така, сообраќајната сигнализација, заштитна ограда и сите останати елементи од патот се изведени согласно со одобрениот Проект. Изведувачот нема направено грешка при изведба на работите кои се според одобрен и ревидиран проект за рехабилитација, при што треба да се има предвид дека се работи за рехабилитација на постоечки а не за изградба на нова делница или реконструкција“ - информираа од ЈПДП.
Изведувач на работите беше „ JV INFRA EXPERT & VATO DOO“, надзорот над работите го вршеше ЕВРОКОНСАЛТИНГ. Делницата е во должина од 4,88 км. и заедно со таа на регионалниот пат Петровец - Катланово од 3,52 км, инвестицијата е во висина од 164,12 милиони денари.
Tweet |