речник контакт

Одбележана 20 годишнината од смртта на првата школувана македонска оперска певица, велешанката Данка Северова Фирфова (фото и видео)

За животот на Данка Фирфова говореа проф. д-р Мирјана Павловска Шулајковска и оперската певица Милка Ефтимова

Петар Печков

Родниот Велес за прв пат одбележа  датум  од животот на Данка Фирфова, денес  тоа беше 20 годишнината од нејзината смрт. Во Ликовниот салон со настан „Живот посветен на музиката“ се одбележа животниот пат на првата школувана македонска оперска певица Данка Фирфова, родена Северова (Велес, 2 февруари 1918 - Скопје, 21 јуни 2003).

За нејзиниот животен пат говореше проф. д-р Мирјана Павловска Шулајковска, автор на монографијата за Данка Фирфова.  Истражувањето за реконструкција на нејзиниот уметнички живот била макотрпна и обемна работа.

„Работата бараше темелно истражување на сите артефакти што постојат за неа, како и консултација со личности кои живееле и твореле во нејзино време.  Потоа собирање на лични фотографии од приватни архиви, од архивата на    Македонскиот Народен театар. Данка Фирфова е маркантна личност во македонската музичка култура, првата македонска школувана оперска певица, еден од основоположниците на МНТ,  учесник на првата оперска претстава на македонски јазик „Кавалерија рустикана во 1947 година. Со нејзината работа, делување, дејност остава големи, големи траги во македонската музичка историја“ - кажа   Павловска Шулајковска.

Таа потсети дека Данка родена Северова  ја наследила музикалноста на нејзината мајка Цанда. Раскажа дека кога аргатките оделе на работа барале со нив да оди Цанда бидејќи многу убаво пеела.Данка е сопруга ан Жифко Фирфов, кој заедно со Стефан Гајдов се основоположници на музикологијатаа во Македонија. И двајцата се велешани.

На настанот присуствуваше и оперската певица Милка Ефтимова, која сподели спомени за нивната соработка и музичка кариера.  

„Првата опера која ја пеев како професионално ангажирана во скопската опера,  беше „Трубадур“ ја пеев во Данка Фирфова. Пресреќна сум што ја имав таа чест, што настапував со неа. Ни не бевме само колешки, туку и пријателки. Останевме како две сестри, кои се дружевме и тие ме имаа како член на фамилијата. Имав само убави зборови, што ја познавав, настапував и се дружев со неа. Таа ме храбреше, ми даваше сила пред настапите“ - рече Ефтимова.  

Во продолжение од програмата се изведе музички колаж во изведба на Магдалена Тодоровска, сопран и пијано придружба на проф. Габриела Бачманова
Имаше и изложба на фотографии од настапите и кариерата на Фирфова.  Организатор на настанот беше Општина Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »